Владата уште еднаш да ја разгледа можноста за евентуално покривање на трошоците во најмала рака за личните карти, обврска која се наметнува со самиот Закон за лични карти. За сите граѓани кои не по нивна вина остануваат без валидна лична карта, државата да го сноси финансискиот трошок, вели народниот правобранител Насер Зибери во изјава за МИА.
-Нашите надлежности се лимитирани во насока на надминување на проблемот. Ние скоро секојдневно го покренуваме прашањето и ја информираме јавноста дека стигнуваат претставки. Врз основа на тие претставки ние се обраќаме до надлежните институции, во случајот до Министерството за внатрешни работи. Овој проблем се отвори последните денови откако граѓаните не можеа да добијат термин за отпочнување на постапката за обновување на документи, изјави Зибери.
Според него, направен е пропуст со тоа што надлежните институции не почнале со издавање на личните документи со новото име од денот кога е донесена одлуката.
– Претпоставувам дека МВР имале намера да ги искористат старите обрасци, а тоа пак доведе до оваа ситуација во која сме доведени односно голем број граѓани да се изложат на дополнителен трошок и да не можат да добијат термин да ги обноват своите лични документи. Од тие причини, сметам дека Владата не направи добра проценка, ниту донесе некаков Оперативен план за спроведување на оваа активност што значи граѓаните се ставаат во крајно неповолна ситуација, појаснува Зибери.
Тој посочи дека со ова граѓаните се доведуваат во ситуација да не можат да си остварат и други права како што се подигнување на плата, пензија, право на социјална помош, уплата на рата, право на глас и слично.
Граѓаните до февруари 2024 година, имаат законска обврска да ги сменат личните документи на кои наместо Република Македонија, треба да стои новото име Република Македонија кое произлегува од Преспанскиот договор. (МИА)