Матичните лекари од денеска почнаа да пропишуваат лекови за дијабетес, астма, ХОББ, намалена функција на тироидната жлезда и хипертензија. Пациентите за овие пет дијагнози веќе нема да мора да ја добиваат хроничната терапија од специјалист.

Д-р Марта Тунџева – Матична докторка

„Портата во здравствениот систем е примарното здравство. Тука влегуваат, тука се задржуваат и тука си одат пациентите. Тоа се матични пациенти и тука сакаат да да завршат се. Бенефит ќе имаат сите хронични пациенти, семејствата затоа што никој не сака да оди напразно и да се чека термин, а посебно старите лица коишто се ранлива категорија“.

Здравствените власти најавија дека во иднина матичните лекари ќе може да пропишуваат и лекови за други заболувања, а ќе може да издаваат и лабораториски упати за посложени анализи.

Д-р Злате Мехмедовиќ – Координатор на реформите во примарно здравство

„За кратко време ќе почнат да се препишуваат и лабораториските упати, дали ќе се прошири листата на лекови – да , но согласно онаа програма што ја имаме зацртано во реформите. Да обезбедиме пред се квалитет, преку веќе искреирани протоколи коишто ќе гарантираат точно кога и како да се препишуваат одредени лекови“.

Министерот за здравство очекува да се олеснат административните процедури за лекарите, но и да се растоварат специјалистите и клиникиките.

Фатмир Меџити – Министер за здравство

„Тие сега веќе ќе може кај своите матични лекари да ги добијат услугитре наместо во клинички центар. Ова им го олеснува секојдневието на пациентите и на нивните блиски и ќе се намали притисокот врз клиниките“…

Според анализите на министерството за здравство досега околу 30% од пациентите кои дневно доаѓале на клиниките, всушност доаѓале кај специјалисти за да ја продолжат терапијата. Оваа промена е дел од реформите во примарното здравство кои ги најави министерот Меџити. Според најавите, во иднина се планира и опремување на ординациите, овозможување специјализации за семејна медицина како и ажурирање на електронскиот систем Мој термин.