Извршниот одбор за поставеноста на монетарната политика на Народната банка одлучи да ја задржа основната каматна стапка на нивото од 4%.
„Одлуката за монетарната политика беше донесена во услови на исклучително зголемена глобална непредвидливост и потреба од дополнителни информации за поцелосно согледување на ефектите врз домашната економија – соопшти Народна банка.
Во прилог на ваквата поставеност се и досегашните измени кај останатите инструменти – задолжителната резерва и макропрудентните мерки кои се насочени кон одржување на стабилноста на девизниот курс и инфлацијата и ублажување на кредитните услови.
Одолжувањето на конфликтот на Блискиот Исток доведе до нарушување на снабдувањето со нафта во светот и натамошно одржување на цените на нафтата на светските пазари на високо ниво.
„Во следниот период, како и досега, внимателно ќе се следат глобалните случувања, нивниот одраз врз домашната економија, а особено врз девизниот пазар и нивото на цените. Доколку инфлацијата се задржи на повисоко ниво и делува на инфлациските очекувања, а побарувачката на девизниот пазар продолжи да расте и во следниов период, Народната банка ќе реагира со зголемување на каматната стапка“ се наведува во соопштението.
Во однос на тековните движења во економијата, во првиот квартал од 2026 година, просечната годишна стапка на инфлација забави на 3,7% (од 4,2% во претходниот квартал), главно како резултат на послабите притисоци од базичната компонента којашто се сведе на 3,3%.
Оценето е дека остварувањата кај инфлацијата се малку повисоки од проекцијата, што заедно со повисоките увозни цени споредено со досегашните оцени, создаваат изразени нагорни ризици за досегашната проектирана динамика на инфлацијата.
„Имено, и покрај тековните оцени за кусо и ограничено времетраење на конфликтот, најновите проекции за берзанските цени на примарните производи на енергенсите и храната за следниот период се променети поизразено во нагорна насока. Ова, заедно со зголемената неизвесност и променливоста на пазарите поврзани главно со интензитетот и времетраењето на војната на Блискиот Исток, како и со силината на индиректните и секундарните ефекти, упатува на зголемени ризици и потреба од внимателност“, оценува НБ.
На крајот на март 2026 година, нивото на девизните резерви изнесува 5.249,4 милиони евра и е повисоко во однос на крајот на 2025 година, што го одразува задолжувањето на државата на меѓународниот пазар.
„Расположливите високофреквентни податоци за првиот квартал од 2026 година упатуваат на понатамошен, но поумерен раст на економската активност. Во однос на ризиците за растот во следниот период, тие се претежно надолни и се поврзани пред сѐ со случувањата во надворешното окружување. Во однос на домашното окружување, обемот и динамиката на остварување на домашните инфраструктурни проекти претставуваат едни од главните фактори за темпото на идниот економски раст“, се вели во соопштението.
Општо земено, Народната банка продолжува со внимателен пристап во водењето на монетарната политика, во согласност со најновите макроекономски движења и тековните проценки на ризиците.
