Загрижувачки се податоците за недостиг од витаминот Д што директно влијае на развојот на тешки болести и заболувања. Според истржувањата, 70 проценти од населението, на глобално ниво, а и кај нас, има недостиг од овој значаен витамин и хормон, а во голема опасност се трудниците, здравствените работници, децата и жените во поодмината возраст.

Според Афродита Танеска, лабораториски аналитичар, специјалист по биохемиски анализи при Здравствениот дом во Прилеп која направила и свои истражувања, веќе втора деценија живееме во „пандемија“ од недостиг на Д витаминот.

Најфрапантно е што трудниците, дури 76 проценти, имаат недостаток од Д витамин што се рефлектира врз плодот и подоцна во развојот на децата со појава на тешки автоимуни заболувања, дијабети, па дури шизофрении. Кај децата од девет до единаесет години дури 48 отсто е дефицитот на витамин Д. Податоците се страшни и за, нас, здравствените работници, односно околу 32 проценти од здравствените работници го имаат тој недостиг, вели Танеска.

Според истражувањата на Танеска, процентот е повисок кај жените, особено со староста и при остеопороза. Таа подготви труд, испитувајќи ги состојбите кај жени од 40 до 80 годишна возраст констатирајќи дека зимното време, старосната граница и патологијата на болестите директно влијаат на недостатокот.

Ова се случува подолго време, а најизразено беше во пандемијата поради затворениот простор. Меѓу главните причини се технологијата, но и неинформираноста.

Со короната живеевме во затворени простори, постојано сме пред екраните. Рестрикциите со короната го зголемија ризикот, не излегувавме, не го користевме сонцето. Посебен факт е зимскиот период. И секако, недостаток на информираност за тоа што нѝ се случува и што треба да преземеме. За да се преземе нешто во лето е лесно. Повеќе надвор, на сонце. До 30-тина минути на сонце, го достигнуваме нивото на потребата од витамин Д. А во зимскиот период, неопходни се побогата храна со Д витамин и суплементи. Суплементите да не се земаат на своја рака, туку со препорака од лекар. Неопходно е да се земаат и К-2 и магнезиум, смета Танеска.

Што се однесува до КОВИД-пандемијата, таа проблемот го исфрли на површината, иако сѐ уште „се кршат копјата“ за корелацијата од недостигот на Д витаминот и компликациите во заразата.

Има многу истражувања. Некои го потврдуваат тоа дека исходот на ковидот зависи од Д витаминот, но други сѐ уште држат до тоа дека Д витаминот е само имуномодулатор и дека делува само на вирусите и на бактериите и нема точни истражувања. Но, има низа истражувања кои ја докажуваат поврзаноста. На пример, во болница во Шпанија при истражувања на огромен број пациенти, се докажало дека до 80 насто, и тоа кај машката популација, заболеле од корона и имаат полоша прогноза отколку кај жените, со високи Д димери поради недостигот од Д витамин, појаснува Танеска.

Додава дека во едно истражување во земјава од наш фармацевт е докажано оти короната ги напаѓа клетките во белите дробови, а при недостаток на Д витамин доаѓа до недостаток на сурфактант, супстанца која ги отвора алвеолите и има размена на гасовите.

При корона вирусот, заболените имаат проблеми со дишењето и при недостатокот на супстанцата сурфактант, алвеолите се издишуваат и личи на дување во издишан балон, објаснува лабараторискиот аналитичар при прилепскот Здравствен дом, Афродита Танеска.