Во наредните години, Германија ќе се соочи со уште поизразен недостиг на работна сила, кој би можел да стане сè повидлив во секојдневниот живот на граѓаните, предупредуваат експертите, а објавува германска новинска агенција.
Во следните 10 до 15 години, околу 4,6 милиони квалификувани работници ќе се пензионираат, а повеќе од 3,6 милиони од нив се вработени во сектори кои веќе се соочуваат со сериозен недостиг на работна сила, како што е транспортот, објавува списанието Феникс.
Дури две петтини од сите возачи на автобуси и трамваи се на возраст од најмалку 55 години, а повеќе од 60.000 од нив ќе се пензионираат до 2041 година. Јавниот превоз веќе доживува откажувања на поаѓања поради недостаток на возачи, предупреди авторот на студијата, Јурек Тиедеман.
„Доколку голем број возачи се пензионираат, а не пристигнат доволно нови, ваквите ситуации би можеле да станат уште почести“, рече Тиедеман
Голем проблем е недостатокот на возачи на камиони. Според проценките, во следните 10 до 15 години околу 200.000 возачи на камиони ќе се пензионираат.
Ни градежниот сектор не е во подобра позиција. Околу 41 процент од експертите за надзор на градежништвото веќе имаат најмалку 55 години, додека во моментов повеќе од 1.200 работни места во таа област се непополнети.
Експертите од Кофа, чиј основач е Институтот за германска економија, кој е близок до работодавачите, сметаат дека постарите работници треба да се задржуваат подолго на пазарот на трудот.
Ова вклучува прилагодување на работните места за постарите вработени, пофлексибилно работно време, поголеми инвестиции во здравствената заштита на работното место, како и систематски трансфер на знаење помеѓу постарите и помладите вработени.
„Работодавачите не треба да чекаат додека вработените не се блиску до пензионирање за да дејствуваат“, рече Тиедеман.
