Болка и молк низ улиците на Кочани: Семејствата бараат отчет од институциите

Семејствата на жртвите од трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“ денеска организираа втор протестен марш под мотото „Маршот на ангелите“, испраќајќи јасна порака: „Бараме отчет за сработеното“.

Во точно 12:05 часот – како симбол на задоцнетата институционална реакција – маршот започна од Паркот на револуцијата во Кочани. Со фотографии во рацете, роднините на настраданите и граѓани од сите возрасти, тивко и достоинствено го преминаа центарот на градот.

Едноминутен молк пред симболите на одговорност

Маршот помина и покрај кафулето на сопственикот на „Пулс“, каде што поворката во молк се поклони на жртвите. Едноминутен молк беше одржан и пред општинската зграда и Полициската станица, како симболичен повик за преземање одговорност.

„Ова не е несреќа – ова е убиство“

На транспарентите испишани пораки како „Нашите ангели заслужуваат правда“ и „Ова не е несреќа, ова е убиство“ ја пренесоа гневната тишина на учесниците. Граѓаните коментираат дека Кочани нема да се опорави со години, а некои велат дека се чувствуваат изневерено од корумпираниот систем.

„Се е корумпирано. Рибата од главата мириса. Без правда – нема иднина“, коментираа некои од присутните.

Повик за правда од Паркот на револуцијата

Протестот заврши токму каде што и започна – во Паркот на револуцијата. Граѓаните повторно повикаа на правда за жртвите и одговорност од сите надлежни институции кои, според нив, не реагирале навреме.

Извор: Алфа ТВ