Македонија не е соочена со директна безбедносна закана и покрај зголемените регионални и глобални тензии по руската агресија врз Украина, оцени министерот за одбрана Владо Мисајловски. Тој посочи дека одреден ризик секогаш постои, особено доколку земјата остане надвор од европските интеграции, но нагласи дека државата како членка на НАТО ги ужива сите безбедносни гаранции на Алијансата.

Во емисијата „Само интервју“ на телевизија Канал 5, Мисајловски одговараше на прашањето дали Македонија би можела да биде изложена на ризик поради безбедносните предизвици во регионот предизвикани од руската агресија врз Украина.

Според него, постои одреден ризик, но нема причини за создавање загриженост и заплашување на јавноста. Тој оцени дека безбедносните предизвици не би требало директно да се прелеат во земјата и да прераснат во сериозна закана.

„Би постоел одреден ризик, апсолутно. Но, дека тоа директно би се прелеало кај нас и би станало сериозен безбедносен предизвик, не мислам. Не треба да ја заплашуваме јавноста. Ние водиме мирољубива политика и како земја-членка на НАТО ги уживаме сите безбедносни гаранции што важат за останатите членки. Секоја закана што би се појавила, без разлика дали е надворешна или внатрешна, доколку влијае врз безбедноста на Алијансата, е предмет на заедничко дејствување“, рече министерот.

Мисајловски нагласи дека Македонија континуирано вложува во одбраната и безбедноста за да остане рамноправен партнер во НАТО. Според него, државата има и конкретни придобивки од соработката со сојузниците, особено преку заедничките обуки и размената на информации и искуства.

„Вложуваме средства за да бидеме рамноправен партнер, работиме на заеднички обуки, разменуваме информации и искуства, што им користи и на другите земји-членки, но и на нас. Кога ќе видите одредени операции што се спроведуваат во државата, во соработка со Министерството за внатрешни работи и други институции, особено во спречувањето на терористички закани, големо значење има размената на информации со партнерите во НАТО. Тоа е дел од пошироката слика за безбедноста“, рече Мисајловски.

Осврнувајќи се на европските интеграции, министерот оцени дека евентуалното останување на Македонија надвор од Европската Унија би претставувало поголем ризик за државата во споредба со членството. Сепак, тој не смета дека таквиот развој автоматски би значел директна безбедносна закана.

„Доколку го споредиме членството во Европската Унија со сегашниот статус, јасно е дека постои поголем ризик доколку останеме надвор од европските интеграции. Но, дали тој ризик е толку сериозен што директно би ја загрозил Македонија? Не верувам дека тоа ќе се случи“, истакна Мисајловски.

Тој повтори дека Македонија активно учествува во заедничките обуки и активности на НАТО, разменува информации со сојузниците и издвојува средства за да остане рамноправен партнер во Алијансата. Мисајловски ја оцени безбедносната соработка со земјите членки на НАТО како соработка на високо ниво.