Лидерите на НАТО на самитот во Анкара ја потврдија својата „железна посветеност“ на колективната одбрана и единството на Алијансата, нагласувајќи дека „напад врз еден е напад врз сите“.

Единството и солидарноста како основа на Алијансата

Во декларацијата усвоена на самитот во Анкара се наведува дека сојузниците остануваат посветени на Член 5 од Вашингтонскиот договор, трансатлантската врска и пристапот од 360 степени кон одвраќањето и одбраната.

Во документот се истакнува дека единството, солидарноста и колективната сила се основа на мирот, безбедноста и просперитетот за една милијарда граѓани на Алијансата.

Русија наведена како долгорочна закана

Во декларацијата Русија е посочена како долгорочна закана за евроатлантската безбедност, додека тероризмот е оценет како постојан предизвик.

Сојузниците наведоа дека европските членки и Канада минатата година ги зголемиле инвестициите во основните одбранбени потреби за повеќе од 139 милијарди долари.

Лидерите најавија и повеќе од 50 милијарди долари во нови набавки за одбрана, како и проширување на колективните производствени капацитети, забрзување на иновациите со индустријата и отстранување на бариерите за трговија во одбраната меѓу сојузниците.

Поддршка за Украина и порака до Иран

НАТО соопшти дека сојузниците остануваат обединети во „непоколебливата поддршка“ за слободата, суверенитетот и територијалниот интегритет на Украина.

Во декларацијата е наведена и обврска за 70 милијарди евра, односно 80 милијарди долари, во воена опрема, помош и обука за Украина во 2026 година, со потврда на обврските за одржување најмалку еквивалентно ниво и во 2027 година.

Сојузниците повторија и дека Иран „никогаш не смее да има нуклеарно оружје“, повикувајќи го Техеран целосно да ја почитува слободата на навигација во Ормуската Теснина.