Истражувачи предупредуваат за сериозни ризици и потреба од регулатива
Научници од Универзитетот во Нов Јужен Велс во Сиднеј истакнуваат дека електронските цигари веројатно предизвикуваат рак на белите дробови и усната шуплина. Тие повикуваат на итни регулативни мерки за заштита на граѓаните, особено на децата.
Прегледот ги опфати истражувањата на животни, извештаите за случаи кај луѓе и лабораториските студии објавени меѓу 2017 и 2025 година, пренесува Гардијан.
Истражувањата откриваат дека електронските цигари предизвикуваат биолошки промени поврзани со ризикот од рак, вклучувајќи оштетување на ДНК и воспаление.
„Врз основа на сите докази, утврдивме дека електронските цигари веројатно предизвикуваат рак на белите дробови и рак на усната шуплина, иако не можеме да кажеме каков ќе биде товарот“, изјави коавторот, вонреден професор Бернард Стјуарт.
Водечкиот автор, вонредниот професор Фреди Ситас, предупреди дека раните знаци често биле игнорирани и дека не смее да се повтори истата ситуација како со пушењето цигари, кога беа потребни децении за да се докаже канцерогеност.
„Не сакаме да се повтори истата грешка и со електронските цигари“, додаде тој.
Експертите истакнуваат дека користењето на електронска цигара не претставува безбедна алтернатива на традиционалното пушење. Особено се загрижени за млади луѓе кои никогаш не пушеле. Тие повикуваат на построги регулативи и ограничен пристап до овие производи за пушење.
