Владата организира конференција со 37 медицински експерти

Во пресрет на одбележувањето на една година од трагедијата во Кочани, во земјава ќе се одржат низа настани, меѓу кои и меѓународна конференција на која ќе учествуваат 37 лекари и медицински експерти од Европа и регионот. Станува збор за професионалци кои во најтешките денови по пожарот ги лекувале повредените пациенти и сега ќе ги споделат своите искуства.

На конференцијата ќе се анализира како Македонија се справила со трагедијата, но и кои системски решенија се неопходни за подобра подготвеност на здравствениот систем во иднина. Посебен акцент ќе биде ставен на координацијата на институциите, третманот на изгорениците и долгорочниот процес на закрепнување на пациентите.

Анализа на искуствата и идните решенија

Според портпаролката на Владата, Марија Митева, на конференцијата ќе се разговара за научените лекции од трагедијата и за можностите тие искуства да се претворат во конкретни системски решенија.

„Ќе зборуваме како од искуство се стигнува до нови решенија, за улогата на заедницата, институциите и научените лекции. Ќе се дискутира за болничките капацитети во услови на криза, европските стандарди и меѓународната соработка, како и за улогата на хуманитарните организации и поддршката од заедницата. Ќе се презентираат идните решенија и системските чекори кои ги преземаат институциите“, рече Митева.

Комеморативна програма во Кочани

Во меѓувреме, Општина Кочани ја објави програмата за одбележување на годишнината од трагедијата. Предвидени се повеќе настани со духовен и комеморативен карактер, како и културни содржини на различни локации во градот.

Одбележувањето ќе започне на 14 март, а централниот настан ќе се одржи на 16 март – денот кога се случи трагедијата. Пред дискотеката „Пулс“ во 2 часот и 15 минути по полноќ ќе се одржи комеморативниот настан „Светлината што останува“.