– Досегашното искуство покажува дека деловните банки ги следат сигналите на Народната банка. Секако, не можеме да очекуваме инстантна реакција, односно вообичаено е потребно извесно време за да можат банките да ги направат соодветните приспособувања и во своите каматни стапки. Но, би напоменала дека финансискиот сектор е мошне важен посредник во успешното одржување на стабилноста на домашната економија во тековната криза и поттикнување на економскиот раст, посочува Нацевска.
Во интервјуто, додава дека засега, и покрај неизвесноста од здравствената криза, тековите во економијата се стабилни, без поголеми отстапувања кај клучните макроекономски параметри во однос на очекувањата.
– Сведоци сме дека дојде до повторно влошување на епидемиолошката ситуација, што услови враќање на дел од рестриктивните мерки како во глобални рамки, така и кај нас. Сепак, треба да имаме предвид дека мерките и натаму се помалку рестриктивни од оние коишто беа преземени во вториот квартал од минатата година. Во моментов, тешко е да се процени дали тие ќе предизвикаат поголема промена на нашите очекувања за економскиот раст. Секако дека сме свесни за непредвидливоста со којашто се соочуваме, бидејќи оваа криза по својата генеза е од неекономски карактер. Токму затоа правиме и алтернативни сценарија, во кои ја нагласуваме исклучително високата неизвесност околу ефектите од продолжената здравствена криза врз економијата, вели вицегувернерката.
Во однос на прашањата за евентуално дополнително пролонгирање на корона-кризата, меѓу другото Нацевска вели дека централната банка има инструменти за дополнителна реакција доколку е потребно.
– Како и секоја друга централна банка располагаме со портфолио на инструменти преку коишто можеме да делуваме за да се обезбеди ликвидност во системот, како на пример репо-трансакциите, а на располагање ни е и макропрудентниот инструментариум за поцелно делување. Поволно е тоа што кај нас основата каматна стапка е сѐ уште позитивна, што остава простор за натамошно делување на Народната банка преку овој инструмент, доколку е потребно, истакнува вицегувернерката.
Во интервјуто, таа напоменува дека одлуките што ги има донесено Народната банка за поддршка на економијата во справувањето со кризата засега даваат добри резултати, а состојбите будно се следат.