Градоначалникот на Скопје изрази благодарност и најави посветена работа за иднината на Македонија

Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, објави дека е избран за член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, по вчерашниот избор на новото партиско раководство.

„Со особено задоволство, сакам да ја изразам мојата искрена и длабока благодарност за укажаната доверба од претседателот Христијан Мицкоски, да бидам дел од Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ. Ова за мене е должност што се прифаќа со исправен грб, со чиста совест и со подготвеност, огромна посветеност и пожртвуваност за подобро Скопје и посилна Македонија“, напиша Ѓорѓиевски на својот профил.

Тој истакна дека патот до високо партиско тело не бил лесен.

„Нам не ни беа подарени победи, туку ги освоивме со истрајност, со жртва и со верба. Но токму тие тешкотии нè направија поцврсти, поодлучни и пообединети. И затоа денес можеме гласно и гордо да кажеме – ние успеавме!“, порача градоначалникот.

Ѓорѓиевски го раскажа својот пат во партијата:

„Мојата приказна со ВМРО започна уште на 16-годишна возраст. Од претседател на местен комитет, чекор по чекор, секоја скала и секој филтер, до член на највисокото партиско тело. Пат што од млади години учи дека карактерот се гради во тешки времиња, а лидерството се докажува кога е најтешко.“

Тој нагласи дека со целосна увереност ќе продолжи со работа заедно со претседателот Мицкоски и целото ново раководство.

„А историјата ќе биде наклонета кон нас, затоа што ние имаме намера да ја испишеме! Во периодот што следи, заедно со општинските комитети, со ветераните, со УМС и УЖ, нè очекува работа и само работа. Мотивирано, обединето и цврсто ќе чекориме напред, за доброто на нашиот горд народ, за иднината на нашите деца и на генерациите што доаѓаат. Да живее ВМРО-ДПМНЕ! Да живее Република Македонија!“, заклучи Ѓорѓиевски.