Објавувањето имиња на црната листа на САД значи дека треба домашните институции да направат дополнителни проверки, вели министерката за одбрана, Славјанска Петровска.
Иако не се гледа себеси како прва повикана да зборува за справување со корупцијата, за Петровска – корупцијата е безбедносно прашање и токму поради тоа очекува поголема агилност од институциите по ставањето на поранешниот вицепремиер за економски прашања, Кочо Анѓушев, на листата и најавата од амбасадорката Анџела Агелер дека црната листа ќе се проширува.
„Во сите оние пораки што ги слушавме и вчера, меѓутоа и изминативе денови, и од амбасадорката и од претставниците на САД, јас не гледам задна намера. Напротив, сметам дека тие само одат во поддршка на сето она што ние како држава и како општество се обидуваме да го направиме. Иако можеби не сум прва повикана да зборувам за корупцијата, како министерка за одбрана и, пред сè, како граѓанин на оваа држава, ќе кажам дека за мене корупцијата претставува безбедносно прашање. Ако немате контрола на тој сегмент од општеството, не можете никогаш да бидете сигурни каде тие пари ќе завршат, кого сè ќе финансираат, и сега не зборувам за големи дестабилизации, меѓутоа во даден момент може да ја дестабилизираат државата на каков било начин. Јас очекувам и сега, но и во иднина, институциите во нашата држава, кои се задолжени за борба против корупцијата или кои се задолжени за спроведување на законот во тој дел, во иднина поагилно да реагираат затоа што секогаш кога ги добиваме ваквите изјави, дури и објавувањето имиња на црната листа на САД, значи дека треба да направиме дополнителни проверки од страна на институциите за тоа како тие луѓе се нашле на тие листи“, рече министерката за одбрана пред почетокот на денешната конференција „Мир и просперитет на Западен Балкан“.
Дополнителните проверки дома на лица што станство на кој било начин ќе бидат поврзани со корупција, ќе биде дел и од нашите закони.
„Се работи и на измена на законодавството со кое во иднина ќе можеме лицата што ќе се најдат на црните листи или на каков бил друг начин ќе претрпат санкции, дали од ЕУ или од напите стратешки партнери, ќе може веднаш, без одлагање, да бидат преземени мерки и во РСМ“, рече министерката Петровска.
Според неа, клучен фактор за решавање и на корупцијата во земјата е да ја преминеме точката во која сега стоиме како држава со неизгласаните уставни измени.
Амбасадорката Агелер вчера на брифинг со неколкумина новинари рече дека за Кочо Анѓушев има многу докази во голем број случаи, кои упатуваат на корупција, но не ѝ дозволено да зборува за детали. Уверува дека не е лична работа и дека не е закана, туку се работи, едноставно, за постапување по американското законодавство.