На денешната собраниска седница на Комисијата за финансирање и буџет каде што се дебатираше за Предлог-буџетот за 2027 година, пратеникот Александар Велјановски истакна дека државата се соочува со тежок товар од наследени долгови од претходната власт предводена од СДСМ. Тој подвлече дека актуелната владина коалиција ќе продолжи со силни капитални вложувања, фискална консолидација и континуирано јакнење на социјалната и здравствената заштита.

„Буџетите кои ги предлага Владата на ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата се финансиски реални планови, за функционирањето на државата, тоа е план зa исплата на плати, социјални надоместоци, план за исплата на пензии, за здравството, образованието, инфраструктурата и за инвестициите коишто треба да ја придвижат македонската економија“, вели Велјановски.

Тој оцени дека опозицијата настојува да го негира секој чекор направен во интерес на граѓаните и додаде дека постои суштинска разлика помеѓу сегашното економско водење и практиките од минатото управување на СДСМ.

„Истите оние функционери, сериозни луѓе коишто беа на чело на институциите, поранешни министри, интелектуалци, цело време фрлаат кал на се она што е добро направено во овој период откако ВМРО-ДПМНЕ е на власт и сето она што е позитивно направено во државата и од нив не очекуваме да слушнеме пофални зборови, но сепак во одреден момент треба да прифатат дека, да има огромна квалитативна разлика помеѓу Владата на ВМРО-ДПМНЕ и владата на СДС“, рече тој.

Велјановски упати директна критика кон опозициските пратеници во собраниската сала во врска со нивните забелешки за проекциите во државната каса.

„Колеги од СДС, затоа што сте најгласни за овој Предлог буџет, вие не можете да ја избришете меморијата и да направите од граѓаните да заборават што се случуваше во вашите седум години на владеење. Не можете денес да зборувате за тоа дека економијата почнала од 2024 година и да барате да заборавиме како ја пљачкосувавте државата и го урнисувавте системот со вашата неспособност и неработење“, порача Велјановски.

Пратеникот појасни дека клучната цел на новиот Предлог-буџет за 2027 година е истовремено санирање на претходните штети и обезбедување стабилен економски развој и финансиска сигурност.

„Факт е дека државата ја наследи со сериозни обврски и проблеми, дел од тие проблеми се и околу 5 милијарди евра кои стасуваат за отплата во 2027 и 2028 година. Тоа се пари кои се потребни за рефинансирање на долговите, камати и финансирање на дефицитот од 2,43 милијарди евра коишто се пари кои треба да се вратат во 2027 година. Тоа се тешки обврски за една мала држава, која мора притоа да се грижи и за стандардот на земјоделците, пензионерите, работниците, администрацијата, лекарите, полицајците и останатите. И притоа, да продолжиме со најсилните инвестиции во енергетиката, изградба на патишта, зајакнување на здравствената и социјалната заштита на граѓаните како никогаш до сега. Се уште се работи за буџет за финансиска консолидација, но тоа не значи дека државата ќе престане да инвестира. Напротив, ќе ги намалуваме долговите, ќе ги контролираме трошењата и истовремено оваа Влада ќе создава услови за економски раст“, заклучи Велјановски.