Државниот завод за ревизија (ДЗР) утврдил низа неправилности во работењето на Агенцијата за вработување на Република  Македонија (АВРСМ) за 2024 година, меѓу кои нерамномерна распределба на средствата за активните мерки за вработување, слабости во контролите и недоследности при исплатата на надоместоци за невработени.

Според ревизорскиот извештај, за активните мерки за вработување во 2024 година биле исплатени 1,44 милијарди денари, односно околу 23,4 милиони евра, но при распределбата не бил обезбеден принципот на рамномерен регионален развој.

Најголем дел од средствата кај одредени мерки биле концентрирани во неколку центри за вработување. Така, 62,05 отсто од средствата за мерката самовработување биле реализирани преку центри во пет градови, додека кај субвенционирањето плати и мерката за вработување и раст на правни субјекти најголемиот дел од средствата биле насочени кон Скопје, Тетово, Струга, Куманово и Пробиштип.

Ревизорите изразиле мислење со резерва за реалноста и објективноста на финансиските извештаи на АВРСМ, како и неповолно мислење за усогласеноста на работењето со законската регулатива, упатствата и воспоставените политики.

Во 2024 година преку АВРСМ биле исплатени околу 1,33 милијарди денари за паричен надоместок во случај на невработеност, што претставува 40,6 проценти од вкупните расходи на институцијата. Исплатите биле зголемени за 27,13 отсто во однос на претходната година.

ДЗР утврдил слабости во постапките за остварување на правото на надоместок, вклучително и некомплетна документација, отсуство на електронска размена на податоци со Фондот за пензиско и инвалидско осигурување, како и отстапувања при пресметката на висината на надоместокот.

Според ревизорите, најголем дел од исплатите за невработеност, односно 67,91 отсто, се однесувале на престанок на работен однос на определено време. Биле забележани и случаи со договори склучени на само неколку дена, продолжување на договори над законскиот максимум и повторно вработување кај исти работодавачи по користење на правото на надоместок.

Ревизијата покажала слабости и во системот на мониторинг и контрола на доделените средства, поради недоволно развиени процедури, ретки теренски проверки и нецелосна документација, што создава ризик од ненаменско користење на средствата.

Како пример, за мерката обука за стекнување напредни ИТ-вештини биле исплатени околу 85,8 милиони денари, но од 735 кандидати само 184 успешно го положиле завршниот испит.

ДЗР констатирал и неправилности во исплатите за адвокатски услуги, вештачења и судски такси, за кои во дел од случаите немало целосна документација или соодветни контроли.

Ревизорите укажуваат и дека посебниот фонд за вработување на инвалидни лица не ги добива сите средства што му следуваат согласно законските одредби.

За надминување на утврдените слабости, ДЗР доставил препораки до надлежните институции за подобрување на контролите, распределбата на средствата и законската регулатива.