Специјалниот известувач на Обединетите нации за прашањата на малцинствата, Николас Леврат, призна дека во регионот постојат силни сили кои се обидуваат да го негираат македонскиот идентитет. Тој исто така укажа на нееднаквиот третман во рамките на европските институции.
Леврат ова го истакна во одговор на обраќањето на претседателот на Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ), Васил Стерјовски, за време на меѓународниот состанок со претставници на националните малцинства од целиот свет, организиран во седиштето на ОН во Женева.
Стерјовски ја покрена состојбата и предизвиците со кои се соочува македонското национално малцинство во Албанија, укажувајќи на политичкиот притисок што Бугарија го врши врз Албанија преку своето членство во Европската Унија и интегративниот процес.
Тој наведе дека основната цел на овие активности е да се наметнат тврдења дека Македонците во Албанија се Бугари.
„Неприфатливо е европските аспирации на Албанија да се користат како предност за притисок врз земјата да прифати политики што придонесуваат за асимилација на македонското малцинство. Македонците во Албанија не смеат да станат колатерална штета во процесот на европска интеграција на Албанија“, истакна Стерјовски.
Тој предупреди за обидите за наметнување бугарски идентитет меѓу македонската заедница преку политичко влијание, финансиски стимулации и институционален притисок врз населението.
Според Стерјовски, македонската заедница се соочува со сериозни проблеми при образованието на мајчин јазик, недостиг на институционална поддршка за културата и јазикот, политичката застапеност и економскиот развој на регионите каде живеат.
Во својот одговор на овие забелешки, известувачот на ОН потврди дека ова прашање е комплексно и дека постојат отворени обиди за негово негирање.
„Природно, македонското прашање е сложено. Како што знаете, тоа се однесува дури и на името на земјата. Според тоа, сосема е јасно дека во регионот постојат силни сили кои сакаат да го негираат секој македонски идентитет како таков“, изјави Леврат.
Осврнувајќи се на европската интеграција и малцинските права, тој потсети дека почитувањето на правата на малцинствата спаѓа во Копенхашките критериуми за пристапување кон Унијата.
Леврат притоа нагласи дека постои различна пракса меѓу самите земји-членки на ЕУ по ова прашање.
„Земјите-членки што ѝ пристапија на Европската Унија по 2000 година имаа сосема јасна обврска за соодветна заштита на малцинствата. Од друга страна, некои земји-членки на ЕУ понекогаш дури и го негираат самиот концепт на заштита на малцинствата. Според тоа, во рамките на ЕУ постојат, на некој начин, различни стандарди кога станува збор за земјите-членки и заштитата на малцинствата“, истакна специјалниот известувач на ОН.
Тој појасни дека досегашниот фокус бил ставен на општата правна заштита, без длабинско навлегување во прашањето на самото дефинирање и потврдување на малцинскиот идентитет.
Во врска со актуелната состојба во регионот, Леврат посочи дека процесите ги следат Советот на Европа и ОБСЕ, без да се прецизира конкретен иден чекор.
„Сепак, внимателно ја следам ситуацијата“, нагласи Леврат.
Тој образложи дека со оглед на лимитираните ресурси на неговиот мандат и механизмите на европските тела, нема потреба од дуплирање на постоечките процедури.
Учеството на Стерјовски на конференцијата овозможи прашањата за правата и идентитетот на македонското малцинство во Албанија да бидат изнесени директно пред ОН, соопшти Македонската алијанса за европска интеграција.
