Оттаму за Плусинфо посочуваат дека во прашање е доведена и утрешната средба помеѓу Заев и нејзините лидери, Зијадин Села и Африм Гаши, и можно е блокадата на Собранието да продолжи, односно и одложувањето на пописот да го затрупаат со илјадници амандмани.
– Воопшто не сме задоволни од фактот дека лидерите на македонските партии одлучуваат за политичките настани во државата без лидерите на партиите на Албанците. Државата не е еднонационална туку повеќеетничка и за битните државни одлуки треба да понесат одговорност и македонските и лидерите на Албанците. Заклучоците од вчерашната средба помеѓу Заев и Мицкоски за нас се неприфатливи. Одложувањето на пописот е од политички, а не од здравствени причини. Не прифаќаме такви одлуки, вели за Плусинфо Скендер Реџепи од коалицијата Алтернатива и Алијанса за Албанците.
Тој објаснува дека до вчера Заев не отстапувал од одржувањето на пописот, за вчера, од политички причини да биде одложен за септември, а здравствената ситуација во земјава е лоша и вчера и завчера и претходно кога премиерот упорно изјавуваше дека попис во април ќе има.
Од коалицијата велат дека неизвесна е и утрешната средба на Села и Гаши со премиерот поради форматот на состанокот.
– Под знак прашалник е утрешниот состанок со Заев. Првично беше договорено на состанокот да присуствуваат Заев, министрите за внатрешни работи и за правда Оливер Спасовски и Бојан Маричиќ, како и координаторите на пратеничките групи на коалицијата АА-А и СДСМ. Вчера Заев јавно ги покани сите координатори на пратенички групи. Каква средба ќе биде таа со 20 луѓе, значи однапред е осудена на неуспех. Како ќе се најде согласност за решение за државјанствата со претставници на сите партии. На таква средба Села и Гаши не доаѓаат, вели Реџепи.
Сепак, одлука за ова ќе носат органите на двете партии со лидерите. За денеска напладне, најавена е и изјава на лидерите Села и Гаши.
Доколку Заев остане на ставот за средба во проширен формат, Реџепи е дециден дека таков состанок ќе нема и извесно е дека Алијанса и Алтернатива ќе продолжат со блокирање на Собранието со илјадници амандмани.
– Не може да се одлучува за државата без лидерите на албанските партии. Тогаш за нас не постои и не прифаќаме никаков договор, дециден е Реџепи.
Ова ќе значи повторно целосна блокада на Собранието. И покрај договорот помеѓу Заев и Мицкоски не ќе може да помине законот за одложување на пописот, како и Изборниот законик за гласање со отпечаток на прст. Заглавен ќе остане и петтиот пакет антикризни мерки и уште многу закони кои веќе се во Собранието.
Поместување е можно доколку Алијанса и Алтернатива со условување за одржувањето на утрешната средба го премислат Заев и состанокот се одржи само помеѓу Села, Гаши и нивните коордионатори од една страна и Заев, координаторот на СДСМ и министрите за правда и за внатрешни. Во таков случај доколку се најде решение за законот за државјанства тогаш е можно и одблокирање на Собранието.
Заев и Мицкоски вчера на тет-а-тет средбата договорија одложување на пописот за септември, првиот круг од локалните избори да биде во втората половина на октомври и да се гласа со отпечаток од прст. Да продолжат разговорите меѓу партиите за локалните избори, да се оди со отворени советнички листи и избор на градоначалник во првиот круг, промена на изборниот модел, односно за парламентарните избори да се оди со моделот – една изборна единица, како и деблокада на Собранието.