Активисти итно бараат помош за срна која е повредена на патот меѓу Кичево и Демир Хисар, во близина на селото Цер, кое се наоѓа на границата меѓу двете општини. Според објава во група за заштита на животните, срната е неподвижна и тешко повредена, откако била удрена од возило чиј возач продолжил да се движи, оставајќи го животното во тешка состојба.
На социјалните мрежи се објавени и фотографии од повредената срна, која лежи на коловозот. Станува збор за патот што ги поврзува Демир Хисар и Кичево преку Сопотница, на кој, според активистите, обично нема голем сообраќај, но често се појавуваат диви животни.
Активистите упатуваат апел за помош до ветеринари од околните градови, меѓу кои Кичево, Прилеп и Битола, со цел да се обидат да го спасат повреденото животно.
