Премиерот Христијан Мицкоски ја обвини опозицијата дека води, како што рече, „најниска форма на политика – некрофилска политика“. Коментарот го даде во гостување на телевизија Телма, зборувајќи за барањето за формирање Анкетна комисија поврзана со трагедијата во Кочани.

Мицкоски посочи дека пораките што доаѓаат од опозицијата се „какофонични“, додавајќи дека СДСМ од една страна обвинува за политички притисок врз судството и обвинителството, а од друга страна бара дебатата за случајот да се пресели во Парламентот.

„Внимателно ја слушам дебатата на политичката сцена. Од опозицијата стигнуваат какафонични пораки. Претседателот на СДСМ од една страна обвинува дека судството и обвинителството се под политички притисок од оваа Влада која јас ја предводам, и сега кога овој случај е таму воден од обвинителството, а започнува во судството, тој вели ‘не, дебатата да ја пренесеме во Парламентот’. Тоа не го прават тие за да ја истераат работата до крај бидејќи тие немаат алатки ниту пак кредибилитет. Тие тоа го прават исклучиво за политизирање и тоа е онаа најниска форма на политика – некрофилска политика која ја води опозицијата“, истакна Мицкоски.

Тој додаде дека барањето на СДСМ за Анкетна комисија било прифатено од пратеничката група на ВМРО–ДПМНЕ, но дека од страна на владејачката партија било побарано во расправата да се опфатат и сите други трагедии од изминатите години.

„Апсолутно сите виновници треба да се изведат пред лицето на правдата. Во најмала рака, кога во Парламентот има ваков тип на анкетна и надзорна расправа, тогаш треба граѓаните да видат и да слушнат кој е тој што направил грешка, кој е виновен. И јас апсолутно ја поддржувам идејата на пратениците, еве, нека има анкетна и надзорна расправа“, рече Мицкоски.

Тој оцени и дека опозицијата е „лицемерна“, објаснувајќи дека истовремено тврди оти врз судиите се врши притисок, а во исто време не им верува.