Околу тоа колку Авганистанци треба да дојдат во земјата, Спасовски и министерот за надворешни работи Бујар Османи денес објаснија дека таа е флуктуирачка, дека е заснована на барањата добиени од меѓународните организации во таа земја и на нашите одобрувања, но дека ситуацијата се менува од час во час и не се знае ниту кога ќе дојдат, ниту колку ќе дојдат.

– Досега бројката е 750 потврдени од наша страна. Таа е флуктуирачка и во рамките на нашите можности . Како доаѓаат нови барања, така се прават нови проценки – политички, безбедносни и здравствени, пред да се прифатат. Ние сме подготвени да примиме толку, но ситуацијата е непредвидлива.Не знаеме кога ќе тргнат и тоа зависи од безбедносната состојба, рече Османи, соопштувајќи дека имало најави за една група што требало да дојде од Катар, но заминале во друга држава.

– Овие цивили, појасни Спасовски, работеле во меѓународни организации, за држави членки на НАТО, за нашите сили и тие не се радикални за да преставуваат закана.

– Како МВР сме должни да ги провериме и тоа го налага процедурата. Затоа, да бидат спокојни граѓаните, нема индиции за загрозување на безбедноста, порача Спасовски.