Опремата се состои од 74 компјутери, 52 принтери и 50 скенери, кои ќе бидат распоредени во Секторите за внатрешни работи и полициските станици, со цел непречено и поефикасно функционирање на информацискиот систем на МВР. Донацијата се реализира како дел од проектот „Подобрување на националните пракси за контрола на мало и лесно оружје и градење на отпорни заедници“, кој УНДП го имплементира со финансиска поддршка на Министерството за надворешни работи на Сојузна Република Германија.

Главната цел на проектот е да се намали злоупотребата на малото и лесно оружје како една од најчестите причини за вооружените инциденти во државата. Донацијата на оваа опрема е само еден сегмент од целокупниот проект, кој ќе го надгради информацискиот систем на МВР, а преку развој и имплементација на Полициски информациски систем ќе обезбеди дигитализација и унапредување на оперативните процеси и ќе ја забрза институционалната размена на информации. Полицијата добива нова и ефикасна алатка во борбата против нелегалната трговија и незаконското поседување мало и лесно оружје, во насока на заложбите за унапредување на безбедноста во државата, изјави Нарине Сахакјан, постојана претставничка на УНДП.

Целосната и успешна имплементација на иницијативата Патоказ за контрола на мало и лесно оружје, која произлегува од Берлинскиот процес, е исклучително важна за зголемување на контролата на мало и лесно оружје и на безбедноста на граѓаните во сите земји од Западен Балкан, вклучувајќи и ја Република Северна Македонија, рече Ото Граф, Заменик амабасадор на Сојузна Република Германија во Скопје.

Ова е втора донација на ИТ опрема во рамките на проектот откако во октомври 2020 година беа испорачани 53 компјутери, 16 принтери, 10 скенери и 25 специјални принтери за дозволи за оружје. Покрај донација на опрема, во тек е развој на соодветениот софтвер за следење и контрола на малото и лесно оружје. Дополнително, во текот на септември ќе се одржат обуки за 250 вработени во МВР кои во пракса ќе работат во овој безбедносен сегмент.

Ова е исклучително значаен проект во рамките на Патоказот за контрола на мало и лесно оружје, чиј потписник е и нашата држава. Имплементацијата на проектот ќе му овозможи на МВР побрзо и попрецизно да собира и анализира податоци за малото и лесно оружје во државата. На тој начин, нашата борба против овој вид криминал ќе биде поефикасна и веруваме дека ќе придонесе за зголемување на нивото на безбедност на граѓаните. Новиот полициски информациски систем во првата година ќе го користат околу 3.500 полициски службеници на различни нивоа што ќе придонесе за побрза размена на информации меѓу секторите, а со тоа и за поодлучна и посеопфатна борба против нелегалната трговија со оружје, истакна министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

УНДП го реализира овој проект како дел од регионалната иницијатива „Патоказ за контрола на мало и лесно оружје“ чија основан цел е да се воспостави систем на контрола на малото и лесно оружје во земјите од Западен Балкан, согласно европските и меѓународните стандарди.