Од Владата за „Фокус“ објаснуваат дека нивниот идентитет е заштитен со закон.
– Во случајот со трагичната несреќа во Тетово станува збор за пациенти и нивната приватност и идентитет се заштитени согласно закон. Дополнително случајот е под истрага на Обвинителството. Институтот за судска медицина целокупната документација ја предаде на истражните органи, велат од Владата .
Во несреќата што се случи минатата недела, непосредно по прославата на независноста на Македонија, изгореа 14 пациенти кои се лекувале од ковид во тетовската модуларна болница. Во несреќата почина и уште една пациентка која не изгоре во пожарот, но пред да избувне огнот, неуспешно била реанимирана со дефиблиратор.
Лидерот на Алијанса за Албанците, Зијадин Села, во гостување на Телевизија 24, го отвори прашањето зошто и по една недела не се објавуваат имињата на жртвите во пожарот.
Граѓаните заслужуваат да знаат колку е точниот број загинати,нивни имиња, зошто ни се германски експерти за да ги знаеме имињата, рече Села. Во земјава веќе пристигнаа германските експерти кои треба да ги откријат причините за пожарот, а предмет за модуларната болница отвори и Обвинителството за гонење на организиран криминал и корупција.
Села вчера побара одговорност и оставка од Заев, но премиерот засега нема намера да се повлече поради трагедијата. Висат и оставките кои ги понудија министерот за здравство, Венко Филипче и двајцата директори на тетовската болница.