Македонија нема да ја зголемува старосната граница за заминување во пензија, а од 1 јануари се очекува да има можност за откупување на две години пензиски стаж. Ова го најави министерот за социјална политика, демографија и млади Ѓоко Велковски во гостувањето во Радио Лидер, каде говореше за состојбите во пензискиот систем, зголемувањето на пензиите и реформите што треба да обезбедат негова долгорочна одржливост.
Осврнувајќи се на потребата од зголемување на пензиите, Велковски посочи дека во 2024 година повеќе од две третини од пензионерите примале пензија не повисока од 15.000 денари. Според него, станувало збор за граѓани кои со децении придонесувале во пензискиот систем, но поради ниските плати и непризнаениот стаж, денес имаат ниски пензиски примања.
„Повеќе од две третини во 2024 година земаа не повеќе од 15.000 денари пензија. Инфлацијата која ја имавме во 2023 и 2024 година беше двоцифрена, 15-16 проценти, а денеска имаме инфлација од 2,8 проценти. Моравме да интервенираме за овие кои што штеделе дел од нив 30-40 години во системот и придонесувале во пензискиот систем“, истакна Велковски.
Тој посочи дека голем дел од пензионерите добиваат ниски пензии поради платите што ги примале во текот на работниот век, но и поради стажот што не им бил признаен, особено во случаите со пропаднатите компании и фабрики.
Министерот објасни дека со линеарното зголемување на пензиите двапати по 2.500 денари, а потоа двапати по 1.000 денари, односно вкупно 7.000 денари, се зголемил дефицитот во пензискиот систем, но дека таквата интервенција била неопходна за подобрување на стандардот на пензионерите.
„Се зголеми дефицитот кога се направи линеарно зголемување на пензиите два пати по 2.500 денари, па потоа два пати по 1.000 денари, односно вкупно 7.000 денари. Меѓутоа, беше неминовно за да го зголемиме стандардот на нашите сограѓани. Тие пари се враќаат во економијата, бидејќи трошат“, рече Велковски.
Како еден од главните предизвици за иднината на пензискиот систем, министерот го посочи заминувањето на младите во странство. Според него, неопходно е да се создадат услови младите да останат во Македонија, бидејќи нивното заминување директно влијае врз бројот на осигуреници и приходите во пензискиот фонд.
„Многу е важно младите да останат тука. Имаме примери кога некој ќе работи тука година и пол, па заминува во странство, во Хрватска, во Германија. Тоа создава големи разлики ако ја видите скалата во пензискиот систем“, нагласи министерот.
Велковски се осврна и на функционирањето на вториот пензиски столб, кој бил воспоставен пред околу 20 години. Тој оцени дека првичната замисла била добра, но дека во практиката се појавиле слабости, особено во однос на приносите од вложувањето на средствата.
„Пред 20 години, кога се воспоставуваше вториот столб, замислата беше феноменална. Оние 18 проценти кои ги одвојуваме денес, шест проценти одат за вториот пензиски фонд. Во вториот пензиски систем има аномалија што парите не се оплодуваат доволно за да бидат добри како пензија“, посочи Велковски.
Тој најави дека Владата веќе подготвува законски измени со кои ќе започне реформирањето на вториот пензиски столб, а првата интервенција ќе се однесува на начинот на инвестирање на средствата, односно воведување портфолија со различни нивоа на ризик, зависно од возраста на осигурениците.
„Сега со измена на закон правиме прва интервенција на вториот пензиски систем, ќе има и други“, најави министерот.
Според предложениот модел, лицата до 45 години ќе имаат можност нивните средства да се вложуваат во поризично портфолио, вклучително и во акции на светските берзи. За осигурениците од 45 до 55 години ќе биде предвидено средно ниво на ризик, додека лицата од 55 до 62 години ќе останат во досегашното, традиционално портфолио.
„Првиот чекор е портфолиото. Она ризично го даваме како опција. Оние што се до 45 години да им се вложуваат нивните средства малку поризично во овие акции на светските берзи. Помеѓу 45 и 55 некое средно ниво на ризик, а оние традиционални од 55 до 62 години ќе останат со она сегашно портфолио“, објасни Велковски.
Тој најави дека ова е само почеток на промените и дека ќе следува реконструкција на самиот систем, со цел средствата да се користат поефикасно и идните пензионери да добиваат подобри пензиски примања.
Говорејќи за финансирањето на пензискиот систем, Велковски посочи дека државата од буџетот издвојува околу една милијарда евра, средства што не се наменети за капитални инвестиции, туку претставуваат гаранција за функционирањето на системот.
„Тие една милијарда евра кои се издвојуваат од буџетот, а не се за капитални инвестиции, се гаранцијата што државата ја дава на самиот систем. Ние се трудиме овој износ да биде што е можно помал со низа мерки“, рече министерот.
Како една од мерките за намалување на буџетскиот товар, тој го посочи зголемувањето на вработеноста, особено преку активирање на корисниците на гарантирана минимална помош.
„Вработување на луѓето, вработување на корисниците на гарантирана минимална помош – тоа е намалување од социјалната заштита, а зголемување во делот на приходите во пензискиот систем“, објасни Велковски.
Во таа насока, тој најави и нова мерка наречена „Пензија плус работа“, која треба да биде презентирана до крајот на годината.
Посебно нагласи дека нема да има зголемување на старосната граница за пензионирање, но дека се разгледува можноста за доброволно продолжување на работниот ангажман и по стекнувањето право на пензија.
„Во моментов Македонија нема да ја зголеми старосната граница за заминување во пензија. Меѓутоа, опциите каде што ќе дозволиме доброволно да примаат пензија и да можат да бидат корисни на пазарот на труд, тие што се работоспособни и што може да придонесуваат, тоа ќе биде опционално“, истакна Велковски.
Според него, на овој начин ќе се овозможи работоспособните граѓани да останат активни на пазарот на трудот доколку сакаат, без да се наметнува продолжување на работниот век.
„Сметам дека треба да дадеме ваква опција, да не се зголемува работниот век на нашите работници во Македонија“, порача министерот.
Во гостувањето во Радио Лидер, Велковски информираше и дека Светската банка изработила анализи за бенефицираниот стаж, преку кои треба да се утврди дали постојниот модел треба да продолжи да се применува или е потребно да се направат промени.
Тој повтори дека од 1 јануари очекува да има можност за откупување на две години стаж, што претставува уште една од најавените промени поврзани со пензиското осигурување.
Со најавените законски измени, новите модели на инвестирање и мерката „Пензија плус работа“, Владата планира да направи поширока реконструкција на пензискиот систем, со цел да се намали зависноста од буџетските средства и да се обезбедат подобри пензии за сегашните и идните пензионери.
