Јавната обвинителка Искра Хаџи Василева по денешното судско рочиште за предметот против судијата Ѓоко Ристов изјави дека стручните мислења доставени од одбраната немаат законска доказна тежина и не можат да бидат пресудни при носењето на одлуката на судот. По презентирањето на материјалните докази од страна на одбраната, вклучувајќи ставови од универзитетски професори, обвинителката порача дека правдата се базира врз утврдени факти, а не врз личен академски авторитет.
„Денеска беа презентирани материјални докази на одбраната, а меѓу кои јазични толкувања, правни мислења кои ги даваат професори под плаштот на некаков академски авторитет, но во суштина тоа го симнува нивото на правната култура кај нас, бидејќи земено правно и професионално, тие немаат никакво тежина и значење. Судот го обврзуваат фактите и доказите изведени на рочиште. Правните мислења дадени како нечиј авторитет навистина не го обврзуваат судот и навистина е несериозно да се користат како докази, бидејќи во суштина не се докази и не можат да бидат докази“, истакна Хаџи Василева.
Бранителот на обвинетиот, адвокатот Ѕвонко Давидовиќ, појасни дека тимот на одбраната одлучил да се откаже од сослушување на дел од претходно предложените сведоци поради неможност да стапат во контакт со нив, проценувајќи дека нивните искази нема да откријат нови околности за текот на постапката.
Давидовиќ исто така соопшти дека финансиското вештачење побарано од одбраната влегува во својата завршна фаза и опфаќа сеопфатна ревизија на банкарските сметки на шест различни лица поврзани со случајот.
Во врска со доставеното стручно мислење од професорот Гордан Калајџиев, адвокатот образложи дека барањето се однесувало на законската квалификација на делото, нагласувајќи го ставот на одбраната дека судија не може да биде опфатен со законските обележја на кривичното дело злоупотреба на службената положба.
Судската постапка против Ѓоко Ристов се однесува на пронајдени 350.000 евра при полициски претрес извршен во семејниот дом на неговите родители во Неготино. Според обвинението, овие парични средства не биле уредно пријавени и за нив не постоело потврдено потекло, а судењето го води судијката Билјана Коцевска.
