Според него, сегашните рестриктивни мерки во пресрет на новогодишните празници се доволни со оглед на тоа, што, како што рече, такви собири на јавни места има насекаде и пред Нова година. Практично, вели тој, кулминација ќе се достигне за време на новогодишните празници и после сето тоа ќе спласне.
Филипче истакна дека не може да се предвиди дали некоја варијанта на вирусот ќе придонесе да се влоши епидемиолошката ситуација, но додаде дека затоа акцент е ставен на вакцинацијата, оти, според податоци од студии, третата доза ја зголемува ефикасноста против најновиот сој омикрон.
Во однос на вакцинираните, министерот смета дека процентот е висок, но и дека интересот е спласнат.
– Сметам дека опфатот, којшто според новиот попис е помеѓу 50, па дури и 55 проценти, ако се исклучат децата, сепак е висок, прилично висок процент. Жал ми е што спласна интересот и нема да достигнеме за кратко време 70 или 80 проценти опфат, изјави Филипче.
Министерот нагласи дека со овој опфат на вакцинација ние во континуитет сме во подолг временски период на намалување на бројот на случаите.
Во претходното деноноќие регистрирани нови 320 случаи на КОВИД-19 од направени 3.366 тестирања или 9,5 отсто, што е во рамки на просечниот процент на позитивност од претходната недела. Пријавени се осум починати лица и дополнителни седум преку системот „Мој термин“, за период од 14 до 19 декември 2021 година. Евидентирани беа и 214 оздравени пациенти.
Досега во земјата се направени вкупно 1.558.639 тестирања на Ковид-19. Вкупната бројка на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата изнесува 222.064, бројот на оздравени пациенти е 208.938, на починати е 7.853, а бројот на активни случаи изнесува 5.273.
Според епидемиолошки анализи, во моментов во Скопје има активни случаи 2571, следи Битола со 384, Прилеп 377, Кавадарци 244, Охрид 225, Велес 168, Куманово 127 и Струмица 124. Во другите градови има под 100 активни случаи, а во Демир Капија нема ниту еден.
Според неделниот извештај на Институтот за јавно здравје објавен завчера, бројот на новозаразени од КОВИД-19 е намален за 8 отсто минатата седмица во споредба со претходната. Од 13 до 19 декември заболеле 1922 лица. Процентот на позитивност се движи од 6,9 до 12,4, а просечно 9,6. Најмногу новозаразени има во Скопје.
Во минатата недела (13-19 декември) биле регистрирани 36 реинфекции на коронавирусот, а од почетокот на епидемијата вкупно се пријавени 1013 повторени инфекции односно 0,46 отсто од вкупно 221 411 заразени заклучно со 19 декември.
Хоспитализирани се 347 што е за 18,7 отсто помалку од претходната недела. Од нив, 243 се на кислородна поддршка и 12 на механичка вентилација.
СЗО предупредува за „нова бура“ низ Европа поради сојот омикрон.
– Откако беше идентификуван пред помалку од четири недели, сојот на коронавирусот беше откриен во најмалку 38 од 53 земји членки на Европскиот регион на СЗО, изјави регионалниот директор на ОН, Ханс Клуге во Виена.
Во следните неколку недели, нагласи Клуге, новиот сој ќе стане доминантен во повеќе земји во Европа, со што ќе се изврши притисок врз веќе погодените здравствени системи до крајна точка.
Кинескиот град Сијан ги повика своите 13 милиони жители да останат во своите домови, откако во тој град беа откриени повеќе од 50 нови случаи на коронавирус.
Кина вчера пријави 57 локално пренесени случаи на Ковид-19 во пет градови, додека се обидува да ја смири епидемијата на коронавирус како дел од нејзината политика на нулта толеранција против „Ковид“.
Израел планира четврта доза вакцина за одредени групи од населението. Панел здравствени експерти препорачаа четврта доза вакцина за постарите од 60 години, ризичните групи и медицинскиот персонал. Со тоа Израел ќе стане првата земја во светот што ќе дава четврта доза на дел од населението.
Се предвидува четвртата доза да се дава најмалку четири месеци по третата доза.
Градоначалникот на Њујорк, Бил де Блазио објави дека жителите кои ќе ја примат третата доза вакцина против коронавирусот до крајот на годината ќе добијат 100 долари од градската управа.
– Ова ќе биде најголемата програма за стимулирање во САД, и сакам да видам како ќе реагираат њујорчани. Помогнете да го направиме целиот град побезбеден, истакна рече Де Блазио.
Турската вакцина против Ковид-19, Турковак, е одобрена од турските власти за итна употреба и ќе почне да се користи од следниот викенд, изјави вчера министерот за здравство Фахретин Коџа.
Турција почна да ја развива вакцината Турковак оваа година, но нејзиното пуштање во употреба беше одложено неколку пати. Претседателот Реџеп Тајип Ердоган изјави дека Турција ќе ја направи вакцината достапна на светско ниво.