Министерката за финансии Гордана Димитриеска-Кочоска ги отфрли наводите изнесени во соопштението на организаторите на иницијативата „Разговори за иднината во 12:05“, категорично негирајќи дека Министерството за финансии интервенирало во работата на Народната банка или влијаело врз нејзините одлуки.
Во реакцијата објавена на социјалните мрежи, Димитриеска-Кочоска оцени дека изнесените тврдења се целосно неточни и неосновани и претставуваат обид за манипулација и доведување на јавноста во заблуда.
Таа нагласи дека Министерството за финансии во ниту еден момент не интервенирало во активностите што се во надлежност на Народната банка.
„Како министер за финансии, најодговорно тврдам дека Министерството за финансии во ниту еден момент не интервенирало во активностите кои се во надлежност на Народната банка, ниту, пак, влијаело врз нејзините одлуки“, наведува министерката.
Димитриеска-Кочоска посочува дека одлуките поврзани со супервизијата и преземањето мерки во однос на работењето на банките се исклучиво во надлежност на Народната банка, која постапува согласно законските овластувања и професионалните стандарди.
