НЕМА КОМПРОМИС СО КОРУПЦИЈАТА:
Управата за јавни приходи соопшти дека постојано соработува со надлежните институции во сите случаи каде што постои сомневање за незаконито постапување во даночната сфера.
Во соопштение доставено до јавноста, УЈП наведува дека стручните констатации и наодите од спроведените контроли претставуваат основа за постапување на другите надлежни органи.
„Стручните констатации и наодите добиени од спроведените контроли претставуваат основа за постапување на другите надлежни органи“, се наведува во соопштението.
Во однос на актуелниот случај што се однесува на 11 вработени, од Управата информираат дека се во постојана и целосна соработка со обвинителството, при што, како што посочуваат, е обезбедена и доставена целосна документација, материјали и експертски појаснувања поврзани со даночната регулатива и постапките.
УЈП нагласува дека нема компромис кога станува збор за незаконито постапување, злоупотреби или корупција, оценувајќи дека ваквите појави се неприфатливи и спротивни на професионалните и етичките принципи на институцијата.
Во исто време, од Управата потенцираат дека во сите постапки мора доследно да се почитува принципот на презумпција на невиност како темелна правна гаранција. Додека трае постапката, како што се наведува, преземени се навремени и соодветни мерки за обезбедување непречено функционирање на институцијата и стабилност на работните процеси во засегнатата организациона единица, со цел зачувување на јавниот интерес и институционалниот интегритет.
„Управата за јавни приходи останува посветена на владеењето на правото, отчетното и професионално постапување и на заштитата на јавниот интерес. УЈП продолжува да соработува со сите надлежни органи со цел утврдување на одговорност таму каде што постои, но и зачувување на угледот, довербата и интегритетот на институцијата и нејзините вработени“, се наведува во соопштението.
НЕМА КОМПРОМИС СО КОРУПЦИЈАТА
