Официјална Москва не води разговори за евентуално учество на европски претставници во преговорите меѓу Русија, Соединетите Американски Држави и Украина. Портпаролот на Кремљ, Дмитриј Песков, демантираше дека постои план за проширување на преговарачкиот формат со земји од Европа.
Реакцијата од кабинетот на рускиот претседател следува по информациите објавени во весникот „Фајненшл тајмс“, според кои властите во Вашингтон ја разгледуваат опцијата во мировниот процес да бидат вклучени делегации од Велика Британија, Франција и Германија.
„Не, за тоа не се разговараше со никого. Тоа, најверојатно, се разгледувало во редакцијата на ‚Фајненшл тајмс‘“, посочи Песков.
Песков потенцираше дека претседателот Владимир Путин останува подготвен за остварување контакти со сите меѓународни лидери со цел постигнување мирно решение за конфликтот во Украина, нагласувајќи го дипломатскиот пристап на официјална Москва.
„Ако разумот преовлада во Европа, бројот на политичари што контактираат со Русија ќе се зголеми. Ако не, тогаш нема да се зголеми“, посочи Песков.
Според портпаролот на Кремљ, медиумските шпекулации нема да влијаат врз плановите за дијалог. Најавено е дека трилатералните средби меѓу претставниците на Русија, САД и Украина ќе се одржат следниот месец во Абу Даби.
