Казните за непочитување на Законот за нефер трговски практики ќе се зголемат повеќекратно од сегашните 20 илјади евра, најави заменик министерот за економија и труд, Марјан Ристески.

На средба со претставници на прилепската регионална стопанска комора тој порача дека со вакви измени ќе се обезбеди поголемо почитување на законските правила.

„Еден од предлозите, кој сигурно ќе го прифатиме за поголемо почитување на Законот за нефер трговски практики е зголемувањето на казнената политика. Предлогот е сегашната казна од 20 000 евра повеќекратно да се зголеми што и не е многу со оглед што станува збор за големи супермаркети и трговски компании во земјава. Инаку, ги охрабрувам компаниите од регионот, посебно за производство на храна, да пријавуваат законски прекршувања до КЗК,“ изјави Ристески.

Тој додаде дека фокусот е насочен кон инспекциските контроли за сузбивање на сивата економија, заштита на животниот стандард и стабилизирање на инфлацијата.

„Комисијата за заштита на конкуренцијата и Државниот пазарен инспекторат постојано се на терен по пријави, дојави, но и по нивно видување зашто имаат годишна програма за работа. Секаде каде ќе бидат констатирани законските прекршувања, правните субјекти ќе бидат казнети. Мислам дека сме на добар пат да го направиме тоа. Гледам дека инфлацијата веќе се стабилизира, почнува и благо и да се намалува, посебно во поглед на основните прехранбени производи. Иако тоа не е доволно и сметаме дека во наредниот период со една таква добра политика ќе успееме повеќе да го заштитиме животниот стандард на граѓаните и инфлацијата да биде на едно стабилно, би рекол, европско, ниво. Се фокусираме на инспекциските контроли и транспарентно објавување на цени,“ рече заменик министерот.

Од ноември минатата година до септември годинава, Пазарниот инспекторат извршил 18.000 инспекциски надзори низ Македонија, при што биле изречени казни во вредност од околу 120 милиони денари.

Ристески најави и нов унифициран софтвер за транспарентно објавување на цени, кој ќе биде бесплатно даден на сите трговци.

„Се подготвува нов софтвер кој ќе биде презентиран во наредниот период. Ќе биде унифициран и бесплатно даден на сите трговци за транспарентно објавување на цените. Граѓаните ќе може сами да си креираат пазарна кошничка,“ рече тој.