СДСМ остро реагираше по пресудата во предметот „Талир 2“, со која поранешниот премиер Никола Груевски беше ослободен од обвинението, а конфискацијата на седиштето на ВМРО-ДПМНЕ, познато како „Белата палата“, беше укината.
Од опозициската партија оценуваат дека одлуката е доказ дека, како што тврдат, судството и обвинителството работат во корист на власта и овозможуваат поништување на претходните судски постапки против поранешни функционери.
„Граѓаните гледаат како судството и обвинителството под контрола на Мицкоски го чистат Никола Груевски од одговорност за предметот ‘Талир 2’ и го одмрзнуваат криминалниот имот на ВМРО. По осум години, ‘Белата палата’, вредна 14 милиони евра, како и останатиот партиски имот во вредност од околу два милиони евра, повторно се во рацете на ВМРО-ДПМНЕ“, соопштија од СДСМ.
Партијата наведува дека Груевски е правосилно осуден во други предмети и се наоѓа во Унгарија, но и понатаму ја избегнува затворската казна. Според СДСМ, тоа е овозможено и поради однесувањето на актуелната власт.
Од СДСМ тврдат дека Владата предводена од премиерот Христијан Мицкоски не презела доволно активности за екстрадиција на Груевски и негово враќање во земјата.
