Сведокот Ставревски Живко – помошник на генерален инспектор во Дирекција за заштита и спасување (ДЗС) на денешното рочиште за пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани изјави дека до 2020 година не биле предвидувани редовни инспекциски надзори во општини каде нема инспектори, а Кочани немало покриеност со инспектор за проверки и превенција.

Ставревски појасни дека инспекциски надзори се вршат за проверка на усогласеност на правните лица со Законот за заштита и спасување и можат да бидат редовни, вонредни или контролни. Редовните, според неговата изјава, се спроведуваат според планот на инспекторите, вонредните се вршат по иницијатива или пријава, а контролните следат по истек на рокот од редовниот или вонредниот надзор, ако се утврдени неправилности.

Доколку биде поднесена иницијатива или барање за вонреден надзор до ДЗС, тоа се доставува до инспекторот кој ја има територијалната надлежност за да го спроведе инспекцискиот надзор.

-Праксата за задолжение досегани е само со задолжување во книга доколу инспекторот е во Скопје или преку препраќање на е-маил, ако инспекторот е во друга подрачна единица. По спроведени надзори и вонреден и редовен копии од извештаи се доставуваат до внатрешна служба – изјави сведокот.

 

Сведокот нагласи дека раководството на ДЗС знае каде има, а каде нема инспектори

 

Сведокот нагласи дека раководството на ДЗС знае каде има, а каде нема инспектори. Во случај подрачна единица да нема инспектор, задолжувањето го дава Генералниот инспектор, понекогаш и усно поради итност. Директорот, раководителот на сектор и сите останати вработени, како што рече, знаат во кои подрачја има, а во кои нема инспектори.

-Тоа не се сознанија, тоа се факти врз основа на пополнетост на систематизација и одлуките за прераспределување, а согласно територијалната организираност на ДЗС – изјави сведокот.

Проценка на ризик при инспекциски надзор, сведокот рече дека е нешто сосема друго, додека проценката на загрозеност од ризик е врзана со планот за заштита и спасување.

-Обврска за проценка на ризик е задолжение од закон за инспекциски надзор.Таа е изработена, но согласно правилниците за нејзина изработка наведено е дека се врши технички со помош на електронскиот систем за инспекциски надзори на Инспекцискиот совет каде се внесени претходно извршени инспекциски надзори и проценки од правни лица. Ние во ДЗС не сме имале пристап до тој систем, каде по закон е наведено кои се инспекциски служби имаат пристап. Од тие причини и покрај извршена процена на ризик не сме во можност да вршиме процена на ризик и да го употребуваме тој документ – изјави сведокот.

Рече дека до 2020 година не се предвидувале редовни надзори во општини каде нема инспектори.

-По укажување на Инспекциски совет дека во Годишниот план општини каде нема инспектори ни беше укажано секаде да планираме инспекциски надзор, што практично го испочитивавме, така што барем еден надзор внесуваме по општини како бројка, но исполнувањето на таа обврска реално не беше можна поради одлуките за распределба и немањето доволно инспектори истите не се извршува, иако беа предвидени во Годишниот план како бројка, но не како субјекти. Го испочитувавме тоа барање, но не го направивме – изјави сведокот.

За редовни надзори, како што појасни, не била направена распределба на инспектор во општини каде нема вработено инспектор.

Прашан дали постои генерално овластување инспектор од друга општина да делува превентивно во Општина Кочани и да врши надзор, сведокот рече не.

-Посебно овластување дадено на инспектор нема. Тоа се однесува за сите општини – изјави сведокот.

Покриеност на општина Кочани со инспектор за вршење проверка и превенција, сведокот рече дека нема.

-Јас колку што знам не, но не можам да знам колегите од подрачните одделенија дали во сите изминати години имаат извршено проверки во дискотеката „Пулс“ – изјави сведокот.

По 16 март 2025, сведокот рече дека се вршени вонредни инспекциски надзори на дискотеки и кабариња, вклучително и во Кочани. Се постапувало по барања на МВР и останати институции, било да е во вид на пријава или барање за вршење вонреден инспекциски надзор со останати институции.

-Сега веќе се организираме кој како е слободен и се препраќаат од сите општини бидејќи има многу барање и акции – изјави сведокот, појаснувајќи кои инспектори ги вршеле надзорите, со оглед дека нема вработено инспектор во Кочани.

Прашан дали има испратено порака со содржина: „Инспекторите во текот на своето работење да се придржуваат до своите планови за работа и регионот каде се распределени. Секоја активност надвор од регионот не дозволена.

Отстапки се дозволени само по налог на Директор, генерален инспектор и помошник на генерален инспектор”, сведокот одговори потврдно, нагалсувајќи дека тоа било генерално потсетување до сите инспектори за одлуката на директорот за распределување работници во подрачни одделенија.

На прашањето дали инспекторите се придржувале до пораката и пред 16 март 2025, сведокот рече веројатно, но не може да тврди за толку голем период.

Одговарајќи на вкрстени прашања од одбраната, сведокот рече дека постојат приоритетни објекти по ризик за инспекциски надзор, кои се дефинирани согласно закон.

На вкрстено прашање од одбраната сведокот рече дека обврската за одржувањето на ПП опремата е директна одговорност на корисникот, односно институцијата.

Прашан што треба да поседува едно лице за да стане инспектор во ДЗС, сведокот посочи дека согласно закон инспектор за заштита и спасување може да биде лице кое има минимум пет години работно искуство во заштита и спасување и завршено високо образование и тоа се однесува на овластено службено лице од областа на заштита и спасување, а согласно закон за инспекциски служби наведен е и условот инспектор може да биде лице кое има положено испит и се стекнало со лиценца за заштита и спасување, кој се полага во поранешниот Инспекциски совет.

Прашан дали инспектор во ДЗС може да стане само лице вработено во ДЗС или било кое друго лице од надвор што ги исполнува условите, сведокот рече ако биде објавен оглас секој што ги исполнува условите може да се пријави, не мора да биде од внатре.

На вкрстено прашање дали е точно дека ниту една институција не го информира ДЗС за новорегистрирани правни субјекти и новоиздадена лиценца за ноќни клубови, сведокот рече да, појаснувајќи дека Генералниот инспекторат на ДЗС не добива вакви информации ос институции, ниту пак подрачните единици на ДЗС за дадени согласности.

-Информации формално не добиваме од ниту една институција, односно планирањето на редовни надзори се врши врз основа на постоечки кои ги знаеме и од искуството на терен. Немаме информации од сите можни правни лица во државата, изјави сведокот.

Судот на почетокот на денешното рочиште информираше дека бил известен од Затворот Куманово дека не биле во можност да се реализира барањето за спровод на првообвинетиот за пружање на медицинска помош.

-Реагирано е повеќе пати, кога ќе можат, тогаш ќе го спроведат. Сепак, веќе не зависи ниту од вас, ниту од судот – изјави судот.

Судот појасни дека проблемот не е во одбивање на медицинска помош, туку во тоа што затворот не може да ја обезбеди во конкретниот термин. Затоа предложи барањето да се формулира за период од ден-два, за да може да се реализира кога ќе има можност.

Бранителот на Митко Стојанов и Стојанчо Димитриев, адвокат Благој Јованов на почетокот на денешното рочиште за случајот „Пулс“, изнесе забелешка за работата на медиумите.

-Да не постои контаминација на јавноста со носење на селективни заклучоци. Во изминатиот период бевме сведоци како медиумите освен што пренесуваат изјави и искази, носат и сопствени заклучоци. Затоа, ги молам медиумите да ги пренесуваат изјавите, но да се воздржат од носење заклучоци – изјави адвокатот.

Пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани избувна на 16 март 2025 година за време на настап на групата ДНК и претставува една од најтешките трагедии во поновата историја на земјата. Во него загинаа 63 лица, а над 200 беа повредени. Со денешното рочиште продолжува доказната постапка со изведување сведоци на предлог на Обвинителството, кое го застапува тим од 15 јавни обвинители.

На крајот на денешното рочиште, како што е најавено, Обвинителството треба да се произнесе за повлекување на дел од предложените сведоци и за најавената динамика на повикување.