Милошоски остро критикува за грешките во евроинтеграциите
Во своето интервју за емисијата „Само Вистина“ на Канал 5, пратеникот и член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ, Антонијо Милошоски, остро ги критикуваше актуелните политики на ДУИ и СДСМ во однос на евроинтеграциите. Тој особено го истакна договорот од 2022 година како основна пречка за напредок на Македонија кон Европската Унија.
Според Милошоски, грешките направени од страна на владата предводена од СДСМ и ДУИ дале Бугарија инструмент за легално блокирање на евроинтеграциите на Македонија.
„Со потпишувањето на вториот протокол, се овозможи билатерализација на процесот, што сега резултира со неповолна одлука за Македонија, додека Албанија доби зелено светло,“ нагласи тој.
Критики за Венко Филипче и лидерството на СДСМ
Милошоски се осврна и на новото раководство на СДСМ, особено на Венко Филипче, кој според него, нема авторитет како неговите претходници. Тој изјави дека Филипче се обидува да се докаже пред сопартијците со континуирани критики, но дека тоа не е доволно за да изгради вистинско лидерство.
„Филипче се потпира на критика на сè што е добро, обидувајќи се да се докаже прд јавноста на СДСМ, но тоа не е начин да се изгради авторитет“, истакна Милошоски.
Лошата состојба на институциите и буџетот
Во интервјуто, Милошоски го спомна и тешкиот старт на новата влада, велејќи дека институциите биле во лоша состојба, а буџетот празен.
„Македонија немаше 100 дена за адаптација како што е вообичаено. Владата ја наследи катастрофална состојба на буџетот и ниска доверба во институциите,“ потенцира Милошоски.
Придобивки од унгарскиот кредит
Во однос на економските прашања, Милошоски го истакна кредитот од Унгарија, опишувајќи го како еден од најтранспарентно најавените кредити во последните години. Тој спомна дека средствата од кредитот ќе бидат користени за подобрување на ликвидноста на македонската економија и за финансирање на инфраструктурни проекти во општините. „Ова е добар чекор за локалните власти, бидејќи значителен дел од средствата ќе бидат наменети за инфраструктурни проекти,“ објасни тој.