Неправилности при користењето на финансиската поддршка во земјоделството биле утврдени со теренските контроли на Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој во Охридско-струшкиот Регион. Надзор бил извршен кај корисници на субвенции и инвестиции финансирани преку Програмата за рурален развој.
При екс-пост контрола во селото Биџево, Струшко, не бил пронајден трактор набавен во 2023 година преку Програмата за рурален развој. Машината не била затекната ниту во земјоделското стопанство, ниту на пријавените земјоделски површини. Според изјавите на присутните, тракторот бил даден на користење на друго лице, а во стопанскиот двор немало траги од него. Од Агенцијата информираат дека постојат и писмени дојави дека тракторот бил продаден.
Од Агенцијата за финансиска поддршка во земјоделството и руралниот развој објаснуваат дека корисникот има договорна обврска да ја користи инвестицијата најмалку пет години за потребите на сопственото стопанство, без да ја отстапува на трети лица или да ја отуѓува.
Неправилности биле утврдени и при контролите кај пчелари. Кај еден од корисниците, кој пријавил 50 пчелни семејства, при проверката не било затекнато ниту едно пчелно семејство. Според расположливите податоци, корисникот нема ниту регистарски број на одгледувалиште.
При контролата кај друг пчелар, кој пријавил 600 пчелни семејства, биле пронајдени само 190 семејства со пчели и десет празни сандаци. Останатите 400 пчелни семејства не биле затекнати, информира директорката на Агенцијата, Даниела Иротова Лазарева.
По завршувањето на контролите, директорката посочила дека финансиската поддршка од државата подразбира одговорност, исполнување на утврдените услови и почитување на преземените договорни обврски. Најавила и дека теренските проверки ќе продолжат, пред и по исплатата на средствата, како и во текот на периодот во кој корисниците се обврзани да ги исполнуваат договорните услови.
„Нема селективност и нема привилегирани. Обврска на Агенцијата е да ги заштити чесните земјоделци и да обезбеди јавните средства да се користат за вистинско земјоделско производство. Пријавеното на хартија мора да постои и на терен“, истакна Иротова Лазарева.
