Целосно е неприфатливо распоредувањето на странски војски на украинска територија, изјави претседателот на Русија, Владимир Путин, на официјалната средба со американските специјални пратеници Стив Виткоф и Џаред Кушнер. Разговорите беа посветени на актуелната војна во Украина и изнаоѓањето можни решенија за мир.
Според рускиот претседател, таквиот потег директно би значел натамошно продолжување на воениот конфликт и ескалација на теренот.
„Европејците го знаат ова, но што слушаме? Дека по склучувањето на мирот, тие веднаш ќе распоредат трупи на украинска територија“, рече Путин.
Путин исто така целосно ја отфрли можноста за создавање на демилитаризирани зони долж линијата на фронтот. Москва цврсто инсистира на признавање на претензиите кон четирите украински региони – Донецк, Луганск, Запорожје и Херсон, кои во 2022 година ги прогласи за руска територија, иако руската војска нема целосна контрола врз нив. Тој нагласи дека конечното решение мора да ги отсликува границите што Русија ги смета за државни.
Истовремено, рускиот претседател предложи привремен прекин на огнот во траење од 5 дена за организирање хуманитарна операција во украинскиот град Константиновка во регионот Донецк, каде што се водат интензивни борби. Руската страна наведе дека оваа пауза ќе им овозможи на силите да ги расчистат поставените мини, за стотици цивили да бидат безбедно евакуирани преку заедничка хуманитарна акција со Украина.
Путин посочи дека Украина го смета градот Константиновка, кој се наоѓа во непосредна близина на Краматорск во регионот Донецк, за територија под нејзина контрола. Тој предложи да бидат поканети меѓународни новинари, вклучително и од САД, со цел транспарентно следење на акцијата, слично како претходната евакуација од градот Олешки на линијата на фронтот во Херсон.
Американските претставници Виткоф и Кушнер упатија повик до Русија да овозможи вклучување на европските земји во преговорите за завршување на војната.
„Доколку избереме мултилатерален формат, можеме да продолжиме да напредуваме кон решавање на проблемите“, истакна Кушнер.
Средбата во Кремљ следува по дводневните директни преговори меѓу претставниците на Русија и Украина во Абу Даби, каде што беше постигната согласност за нова размена на воени заробеници. По разговорите во Москва, Виткоф и Кушнер патуваат за Даблин каде што ќе остварат средба со украинскиот претседател Володимир Зеленски. Ова претставува четврта официјална посета на Виткоф кај Путин во текот на оваа година, при што пред заминувањето беше нагласено настојувањето за создавање поширок мултилатерален формат со европските партнери.
