Стечајната управа воведена ова лето во компанијата за јавен превоз на романската престолнина, STB, се соочи со невидени нивоа на непотизам и корупција во Европската Унија, кои очигледно се развиваа во компанијата со години и ја доведоа на работ на банкрот.

„STB е семејна компанија бидејќи нејзините 4.876 вработени се во меѓусебно сродство. Поточно, 1.400 од нив се сопруг и сопруга, а 30 семејства имаат повеќе од десет членови вработени во претпријатието“, презентираше Ремус Борза на прес-конференција.

Борза беше испратен во STB откако компанијата ја започна постапката за проценка на солвентноста во Трговскиот суд врз основа на долг од 561 милион евра и оперативна загуба во првите десет месеци од оваа година од 143 милиони евра.

Димензиите на финансискиот минус во кој потона STB се појасни ако се земе предвид дека превозникот со трамвајски, железнички и патни услуги, односно автобуси и тролејбуси, вработувал 9.224 лица пред отворањето на стечајот и добивал субвенции од буџетот на Букурешт за превоз на граѓани од половина милијарда евра според достапните извори.

„Можев да кажам дека STB беше клановска компанија бидејќи имаше 20 членови по семеен водач на вработени во STB, но се плашам дека можеби ќе бидам погрешно разбран“, коментираше Борза.

Тој утврди, меѓу другото, дека прикажаните количини на дизел што се користат во STB се за 20 проценти повисоки од реално користените, што предизвикало штета на компанијата во износ од шест милиони евра годишно. И така со години, тврди Борза, заклучувајќи дека горивото било систематски крадено.

„Рачно пополнетите патни налози покажуваат околу пет милиони километри повеќе годишно отколку што евидентираат инструментите во самите возила. Дел од вработените се впуштиле во злоупотреба на боледување, бидејќи минатата година компанијата евидентирала 176.000 дена боледување. Во тој период, некои возачи можеби работеле во автобусите на туристичките агенции“, изјави стечајниот управник.

Ремус Борза се осврна и на сегментот за одржување на возилата во претпријатието за јавен градски превоз.

„Поправката на возила е целосно неефикасна бидејќи за десет месеци од оваа година остварила 39 проценти од планираните поправки. Како дошло до тоа? Пред три недели, одевме на работа во 9:30 часот наутро, намерно избирајќи го утринското време за да не изгледа дека сме тенденциозни во контролата. Од 500 мајстори, ниту еден не беше на неговото биро!“, се пожали Борза.

Тој раскажа како за време на обиколката на внатрешната контрола на STB во погонот за одржување на возила, околу триесет работници што биле затекнати таму избегале, скокајќи преку оградата од страв од полицијата.

„Ние сме компанија која управува со најголемата флота возила во Букурешт, а немаме соодветна лиценца за поправка на мотори и менувачи!? Па што прават нашите 1.500 сервисери? Тие ставаат масло, затегнуваат завртки, проверуваат… Значи, тие немаат цел на својата работа. Зошто? Затоа што и приватните лица мора да заработат нешто. Ова е исто така причината зошто имаме просечно три до четири судири секој ден на автобуските станици при напуштање на перонот или паркирање за да можеме да им дадеме работа на приватни компании за шофершајбни. Во нашата компанија, секој ден се кршат три до четири шофершајбни!“, наведе Борза.

По утврдувањето на ваквата состојба во фирмата беа поделени 796 отпуштања и укинати 919 работни места кои претходно биле држени како непополнети позиции.

По воведувањето на стечајот, укинати се работните позиции на 24 курири, 88 ложачи, 17 статистичари, 120 секретарки и 44 позиции за внесување податоци од планираните 145, додека во компанијата остануваат 4.358 возачи и кондуктери.

Информациите на Ремус Борза засега поминуваат без силни реакции во јавноста, а градоначалникот на Букурешт, Кипријан Чиуку, посочи дека STB акумулирала многу лоша финансиска состојба во текот на изминатите години.

„Ќе се обидеме да го спасиме STB од банкрот, а јавниот превоз нема да биде засегнат поради несолвентноста на компанијата“, соопшти Чиуку.

Појавите на непотизам и корупција од STB се распространети и низ други сегменти од романските јавни служби.

Претпријатието издало и околу 3.000 сертификати за професионални болести, од кои дури 2.000 довеле до предвремено пензионирање на вработените поради стекнати инвалидитети.

Градските власти на романската престолнина издаваат бенефиции за јавен превоз кон сите граѓани паушално, наместо да ја земат предвид реалната финансиска состојба на корисниците на субвенциониран превоз.