Забраната од градската управа да се одржи средба меѓу Назависниот синдикат на пожарникарите на Македонија и кандидатката за градоначалник на Скопје, Данела Арсовска, според овој синдикат, ја ускратува слободата на синдикалното движење.
Од тие причини, како што велат од НСПМ, за овие денешни случувања ќе бидат известени сите домашни и меѓународни институции.
Во своето соопштение до јавноста, од Независниот синдикат на пожарникарите на Македонија велат дека во нивното повеќегодишно постоење, континуирано работат на подобрување на условите за работа на професионалните пожарникари во државата, но и на нивното достоинствено претставување пред сите домашни и меѓународни институции, за што отсекогаш Синдикатот одржувал отворени врати за сите кои што побарале средба, со цел запознавање со очајната состојба во која работат пожарникарите и создавање предлози за подобрување на состојбата.
„Сакаме да напоменеме дека тие средби кои биле со претставници од различни влади, водени од разни политички претставници кои се менуваа на позициите сите овие години биле остварувани со меѓусебно уважување и понекогаш вродуваа и со плод кој претставуваше бенефит за нашите колеги.
За жал, во текот на денешниот ден, иако нашиот Синдикат доби уште пред повеќе денови уредно барање за средба од страна на кандидатот за градоначалник на Град Скопје, г-ѓа Данела Арсовска, од страна на раководството на Секторот за заштита и спасување во Градот Скопје и Бригадата за противпожарна заштита на Градот Скопје, ни беше забрането да одржиме средба во просториите на Синдикатот со кандидатката која изрази желба да се запознае со состојбите во пожарникарството.
Независниот синдикат на пожарникари на Македонија има сопствени простории кои повеќе од една деценија се наоѓаат во објектот на БППЗ во Автокоманда, Скопје. Во тие простории сме пречекувале гости од сите политички партии, претставници на разни религиски и други видови на социјални заедници, но никогаш не ни се случило некој да ни забрани да примиме гостин досега! Тие простории се само физички близу Бригадата, но се во децениско владение на Синдикатот, кој секогаш ги користи согласно неговите законски надлежности и целта на постоењето на еден синдикат.
Ваквото однесување ја ускратува слободата на синдикалното движење и од тие причини за овие случувања ќе бидат известени сите домашни и меѓународни институции“, се вели во соопштението кое го испрати Независниот синдикат на пожарникарите на Македонија.