ВМРО-ДПМНЕ обвинува: СДСМ и ДУИ го загрозија македонскиот идентитет
Од партијата ВМРО-ДПМНЕ посочија дека нема да дозволат македонскиот идентитет повторно да биде предмет на политички пазарења.
Од владејачката партија нагласија дека поранешните владејачки партии ДУИ и СДСМ, како и нивните претставници Бујар Османи и Зоран Заев, направиле сè за да го разнебитат македонскиот идентитет и да ги прифатат уцените што биле наметнувани однадвор.
Заев и Османи ја прифатија преговарачката рамка која ја загрози Македонија
Од ВМРО-ДПМНЕ наведуваат дека тие не само што се согласиле македонскиот јазик да биде предмет на преговорите, туку прифатиле и бугарска диктатура врз македонската историја, култура и образование.
„Бујар Османи, кој денес се обидува да зборува за македонскиот јазик, е истиот човек кој како министер за надворешни работи го потпиша почетокот на уцените, подготвувајќи терен за национално понижување. Заев и Османи беа тие што ја прифатија преговарачката рамка која ја загрози македонската самобитност, ставајќи ја во рацете на други држави“, потенцираат од ВМРО-ДПМНЕ.
Од партијата велат дека народот не заборава кој прв ја отвори вратата за уцените и условувањата.
Нашата борба е за самостојна и суверена Македонија
Од ВМРО-ДПМНЕ посочија дека секогаш се бореле Македонија да биде самостојна и суверена држава, СДСМ и ДУИ се бореле како да ги задоволат туѓите интереси на штета на македонските граѓани.
„Оваа Влада ќе ја исправи државата на патот на вистинските европски вредности, со зачувување на нашиот јазик, култура и национален идентитет“, завршуваат од ВМРО-ДПМНЕ.
Извор: Курир