Пет автопатски делници истовремено се градат во Македонија, а наскоро ќе започне и шестата. Коридорот 8 никогаш досега не се градеше со ваква динамика, а земјава во моментов реализира инфраструктурни проекти од обем со кој не може да се пофали ниту една друга држава во регионот, истакна во вечерашното гостување во “Тема на денот” на ТВ Сител, заменик претседателот на Владата и министер за транспорт, Александар Николоски.

Вицепремиерот зборуваше за текот на работите на дел од автопатските делници, за роковите на изведба и за идните планирани проекти. На автопатот Кичево – Букојчани или популарната “Стража”, работите според Николоски се одвиваат со одлична динамика, а рокот на изведба се очекува да биде до крајот на 2029 година.

-Работите на авотопатот Гостивар – Кичево одат добро, таму е рокот крај на 2029 година, и ако треба денеска да кажам прогноза, мислам дека ќе се испочитува. Тоа е најтешката делница, популарната “Стража”, a со ова решение целосно ја заобиколуваме. Станува збор за еден тежок потфат, прв автопат кој што се работи од двете страни, нешто што Македонија досега го нема видено, рече заменик претседателот на Владата, Николоски.

Во интервјуто се осврна и на планираната автопатска делница од Букојчани до Кичево, која ќе биде шеста автопатска делница која оваа Влада започнува да ја работи.