Пожарот кај Стенковец и понатаму е активен, а во неговото гаснење се вклучени екипи на скопската Противпожарна бригада. Пожарникарите се на терен и работат на локализирање на огнот.

Во меѓувреме, попладнево избувнале уште два пожари на отворен простор. Едниот е на територијата на Кондово, а другиот во Општина Ѓорче Петров.

Надлежните служби интервенираат на двете локации, обидувајќи се да го спречат натамошното ширење на огнот.

Пожарите и чадот што се шири низ воздухот вечерва предизвикуваат сериозни проблеми за жителите на Скопје. Во повеќе делови од градот се чувствува силен мирис на чад, а граѓаните посочуваат дека воздухот е тежок и непријатен за дишење.

Иако температурите во попладневните и вечерните часови почнаа да се намалуваат и во градот конечно пристигна мало освежување, скопјани тешко можат да го искористат за вечерна прошетка.

Наместо пријатна вечер, во повеќе делови од Скопје се шири чад кој, според граѓаните, предизвикува печење во грлото и очите.

Многу жители ги држат прозорците затворени за да спречат чадот и непријатната миризба да навлезат во нивните домови.