Градежниот сектор во првиот квартал од 2026 година забележал раст од 7,2 проценти во споредба со истиот период лани, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика. Според вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, овие резултати се доказ дека градежништвото и натаму е еден од најсилните двигатели на домашната економија.
„Овие бројки претставуваат силен показател за континуираната градежна активност низ целата држава, како и за успешната реализација на капиталните инвестиции кои се од клучно значење за економскиот развој“, напиша Николоски на Фејсбук.
Тој посочи дека особено охрабрувачки е растот во сегментот на нискоградбата, каде што е регистрирано зголемување од над 20 индексни поени.
„Овој сегмент ги опфаќа инвестициите во изградба на автопати, експресни патишта, регионални и локални патишта, како и железницата, кои Владата преку Министерството за транспорт ги реализира со високо ниво на посветеност и одговорност“, истакна Николоски.
Според него, растот во нискоградбата е директен резултат на засилените активности на терен и динамичната реализација на капиталните инфраструктурни проекти.
„Автопатиштата на Коридор 8 и 10-д се градат со силна динамика, а паралелно со тоа се инвестира и во железничката инфраструктура, што претставува клучен сегмент за долгорочниот економски развој, регионалното поврзување и зголемувањето на конкурентноста на економијата“, наведе министерот.
Николоски се осврна и на најновите податоци за економскиот раст, посочувајќи дека стапката на раст на бруто-домашниот производ во првото тримесечје од годинава изнесува 3,1 процент.
„Овој резултат претставува јасен показател дека економијата расте, дека инвестициите даваат резултати и дека развојните политики на Владата создаваат реални ефекти во стопанството“, истакна тој.
Според Николоски, објавените статистички показатели потврдуваат дека државата се движи во позитивна насока.
„Градежништвото останува мотор на економскиот развој, а инфраструктурните проекти силно го поддржуваат растот, развојот и креираат подобра иднина за државата“, порача Николоски.
