Владата со темелна истрага ќе проверува кој и како досега добивал лиценци. Освен Министерството за транспорт кое активно врши проверка за фирмите кои добивале лиценци во повеќе сектори, вклучени се повеќе засегнати страни. Вицепремиерот Александар Николоски соопшти дека институциите започнуваат сеопфатен процес.

„Министерството за економија и државниот пазарен инспекторат прават обемни контроли и за тоа е информирана јавноста. Исто така царинската управа прави контроли од своја страна. Агенцијата за храна и ветеринарство, неколку институции кои се во рамки на министерството за земјоделие, неколку институции кои се во рамки на министерството за енергетика во делот на концесии“, рече вицепремиерот Николоски.

Вицепремиерот Николоски најави ставање на поцврсти правила за субјектите да мора да се придржуваат до законите.

„Имаме голема и масивна акција на проверка на она што се случувало до сега. Убеден сум дека тоа води до зајакнување на законите и ставање на поцврсти правила на игра како би можело да се почитува она што се прави. Очекувам информации да излегуваат во деновите кои се пред нас за точни мерки кои се преземени“, потенцираше вицепремиерот.

Николоски рече дека јавно ќе бидат објавени компаниите кои досега не ги почитувале законите.

„Има дилема дали е во ред да се објавуваат компаниите кои не ги исполнуваат условите односно ги губат лиценците. Јас мислам дека е во ред за да знаат засегнатите и надлежните, но и јавноста да не работат повеќе со таква компанија“, заклучи Николоски.