Апелираме и власта да прекине со криминал и корупција и да се посвети на актуелните случувања, имајќи предвид дека кризата е огромна. Прашање е дали ќе има доволно жито, каква е состојбата на македонското производство, со увозот на суровини, транспорт и што ќе се случува со енергенсите и електричната енергија. Оваа влада се покажа како неспособна и корумпирана, не успеа да произведе доволно електрична енергија дома, од нашите капацитети и мораме да увезуваме, а таа цена е 5 пати поскапа и прашање е колку ќе е поскапа понатаму, изјави за „Што не е јасно“ на Алфа потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски.

Тој вели дека покрај сето тоа прашање е и цената на горивата, греењето, власта нема одговори, а тоа граѓаните ќе го почувствуваат, додавајќи дека денеска и македонската берза трпеше проблеми и запре со трговија.

– Денеска имаше вест која помина незабележано, а тоа е дека македонската берза го суспендираше тргувањето од причина што отиде цената под 10% што е минимум колку што смеат да слезат цените на акциите. Тоа значи дека најголемите компании изгубија 10% од вредноста и тоа се 10% загрозени сите граѓани, и ништо не гарантира дека ќе нема друг пад. Владата мора да гарантира, истакна Николоски.

Тој додаде дека оваа влада се покажа како најнеспособна во историјата и не може да одговори на кризата, како што не одговори на досегашните кризи и затоа решение се предвремени парламентарни избори, затоа што не знаат како да се справат со проблемите.
Во врска со случувањата во Украина, Николоски потенцираше дека ставот на ВМРО-ДПМНЕ е јасен во рамки на ставот кој го има Европската народна партија во која што членува партијата.

– Ние целосно го поддржуваме територијалниот интегритет и суверенитет на Украина и сметаме дека е недозволиво да се случува воена агресија. Сметаме дека дипломатијата треба да надвладее над воените решенија, изјави Николоски.