Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски во рамки на работната посета на Франција, утрово оствари средба со министерот за транспорт на Франција, Филип Табаро, на која се разговараше за унапредување на меѓусебната соработка во делот на железницата, ависообраќајот и автопатиштата.
Во продолжение интегрален текст од заедничката изјава на вицепремиерот Николоски и министерот за транспорт на Франција, Филип Табаро:
„Денеска имавме одлична средба со министерот за транспорт и инфраструктура на Француската Република, голема е честа за мене и за македонската влада да бидеме примени на виско ниво. Ние имаме одлична соработка која сега ќе ја надградуваме. Зборувавме за соработка која е доста развиена во делот на авиосообраќајот, двата аеродроми во Скопје и Охрид се оперираат од француска компанија. Исто така разговаравме и за зголемување на соработката и во делот на Железницата и автопатиштата.
Во делот на Железницата ги презентирав нашите планови за развој на двата коридори 10 и 8. Македонија има уникатна позиција каде двата коридори се пресекуваат источно од Скопје и двата треба да ги развиваме. Во однос на коридор 8 кој е од стратешко значење за НАТО, зборувавме што можеме да направиме за да се доврши источниот дел од пругата но исто така да се развие и западниот дел од пругата, секако да се поврземе и со Италија, Албанија и Бугарија и да ги поврземе Јонското и Јадранското море со Црното море.
Во однос на коридор 10, тоа е најзначајниот трговски коридор на Балканот и зборувавме за тоа што можеме да направиме да изградиме брза пруга и на тој начин јужните пристаништа од Европа да ги споиме со Средна и Централна Европа. Има големи искуства што ќе ги искористиме од Франција, Франција е лидер особено во железничкиот сообраќај и ќе работиме многу заедно. Вчера имавме средба со 11 најголеми француски компании кои се добродојдени да инвестираат во Македонија“- изјави вицепремиерот и мнистер за транспорт Александар Николоски.