Според Николоски, ВМРО-ДПМНЕ ќе обезбеди победа на локалните избори во повеќето општини, вклучително и во главниот град
ВМРО-ДПМНЕ ќе обезбеди победа на локалните избори во повеќето општини во земјава, вклучително и во главниот град, изјави министерот за транспорт и врски Александар Николоски. Во интервјуто за телевизијата Њузмакс Балкан, тој оцени дека партијата ќе постигне доминантен резултат.
„СДСМ во моментов се движи помеѓу нула и тројца градоначалници. Другото очекувам да бидат градоначалници предложени од ВМРО-ДПМНЕ и коалиционите партнери. Така што мислам дека е извесна победата“, истакна Николоски.
Во однос на трката во Скопје, Николоски смета дека Орце Ѓорѓиевски ќе ја добие довербата од граѓаните и ќе стане нов градоначалник. Според него, тоа ќе овозможи започнување на нов развоен циклус во главниот град.
„Јас го познавам Орце Ѓорѓиевски долго. Имав чест во 2020 година да биде и шеф на мојата кампања во четвртата изборна единица. Покажа и во Кисела Вода дека знае да работи и дека знае да испорачува. Ја модернизираше целосно општината. Очекувам дека со поддршка од Владата ќе правиме многу убави работи заедно.“
Николоски посочи дека прво треба да се решат основните проблеми во Скопје. Според него, тоа вклучува подобрување на хигиената, чистење на јавните површини и средување на јавниот превоз.
„Според мене мора да почне од базичните работи, да се подобри хигиената на градот, да се исчисти градот, да се среди јавниот сообраќај, да се воведат нови можности за јавен сообраќај на начини кои што заеднички ќе ги договориме.“
Министерот рече дека Владата работи на проект за градски воз кој ќе биде примарна сообраќајна инвестиција. Тој додаде дека се разгледува и идеја за воведување трамвај, со претходно темелно урбанистичко планирање.
„Ние работиме на проектот за градски воз како примарен проект. Можеме и да работиме и на форма на трамвај. Добро урбанистички да се планира, затоа што барем на централното градско подрачје за жал хаос му се случува. И после веќе да почнеме да размислуваме за покрупни проекти. Кои што би оделе рака под рака со развојот на градот“, додаде Николоски.
Со ова, вицепремиерот ја заокружи пораката дека победа на локалните избори ќе отвори можности за подинамичен развој на општините и подобрување на квалитетот на животот во Скопје.