Потпретседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Александар Николоски во однос на следните избори вели дека е убеден дека неговата партија ќе освои 61 пратеник и тој додава дека настапот на парламентарните избори ќе биде насочен кон она што е визија на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој потенцира дека ВМРО-ДПМНЕ со криминалното раководство на ДУИ нема да прави Влада.

После изборите една работа е сигурна, а тоа е дека Влада со ДУИ нема да има. Ова раководство на ДУИ за жал се криминализираше до максимален можен степен, скоро и да нема ден во којшто нема афера во којашто дел се претставници на ДУИ. Тоа е однесување коешто никој не може го толерира и однесување кое што треба да биде истражено од органите, а не да биде дел од владина работа, затоа што ние излегуваме со наша програма и таа програма не можете да ја спроведете со луѓе коишто одат сабајле на работа и размислуваат како да злоупотребат нешто или да направат криминал, вели Николоски.

Тој потсетува дека поранешниот лидер на партијата СДСМ, Зоран Заев пред изборите во 2016 дека нема да има коалиција со ДУИ, па и тој коалицираше со ДУИ.

Мислам дека една од причините што СДСМ е со ваков рејтинг каков што е и што се пред извесен пораз на парламентарните избори, е што не го реализираа тоа свое ветување, додава Николоски.

На новинарско прашање, ако СДСМ оди во предизборна коалиција со албанска партија, дали ВМРО-ДПМНЕ би имало храброст да направи такво нешто, Николоски вели дека е убеден дека неговата партија ќе има 61 пратеник.

Мислам дека не се работи за храброст, се работи за поклопување на изборни програми. Чесно е да излезете пред луѓето со нешто што после тоа можете да го реализирате. Јас сум убеден дека ВМРО-ДПМНЕ самостојно ќе освои мнозинство во Собранието, односно 61 пратеник, така што нашиот настап на парламентарните избори ќе биде насочен кон она што е визија на ВМРО-ДПМНЕ. Секако после изборите, и заради реалноста во Македонија, без разлика колку пратеници ќе освоиме, ние сме спремни да поразговараме со потенцијални партнери од таканаречениот албански кампус и да видиме дали можат да ни се спојат програмите. Секако тука предност ќе има она што е сега таканаречена албанска опозиција, заклучува тој.