–Власта ќе одговара и за националното предавство, нема такво дно од политичар и нема такво понижување какво што видов пред неколку дена во Словенија, кога на средба на лидерите од ЕУ и лидерите од Западен Балкан, овој кој што за жал за претставува Македонија, Зоран Заев,се меткаше по ходниците некој да го прими за да се слика и единствен со којшто разговараше од 27-те државници беше само претседателот на Бугарија, веројатно затоа што до таму го примаат затоа што има фирми во Петрич, истакна Николоски.
Николоски вели дека претседателот на Бугарија му поставил на Заев услови коишто се национално понижување, услови кои никој не го поставил кон Македонија, а Заев велеше дека ги решил сите прашања со соседите со потпишување на договорите.
Тој си преќуте, си ја „свитка опашката“ и отиде на митинг во Свети Николе и вели „ве поздрави претседателот Румен Радев“, па такво понижување и брука до сега не сум видел, затоа што отишол на средба каде Радев вели ќе го смените Уставот како што ние ќе ви кажеме, а тој ќути со наведната глава и се враќа на митинг во Свети Николе и вели ве поздрави Радев, критикуваше Николоски.
Тој посочи дека Устав менуваме нема, како и дека ги почитува они кои се чувствуваат како Бугари во Македонија што е човеково право, но појасни дека во Бугарија има многу Македонци, а ако веќе се отвора Уставот и ги внесуваме Бугарите во Македонија, тогаш треба и да се внесат и Македонците во Бугарија.
–Нека го отворат тие Уставот, па ќе го отвориме и ние, да има реципроцитет, и да не манипулираат со оние луѓе кои заради мака земат бугарски пасоши, работат надвор по европските земји затоа што Зоран Заев не им дава шанса тука да живеат, рече Николоски.
Николоски праша ако навистина има 120 илјади Бугари во Македонија зошто истите не гласаат на избори во Бугарија, или не останат да живеат таму, туку живеат од мака по европските земји.
Овие избори имаат и подлабоко значење, бидејќи од вашиот избор и вашата одлука зависи колку сакат да се променат работите, и да знаете дека со Заев на чело шансите на државата и се буквално нула за да позитивно да оди напред, сигурно е дека со оваа власт државата тоне и ги уништува шансите за било каков напредок, затоа на 17-ти октомври одлучуваме и за тоа каде ќе се движи Македонија, рече Николоски.