Александар Николоски, потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ во вечерашното гостување во емисијата на „ЗА или ПРОТИВ“ на телевизија Алфа ексклузивно откри дека директорот на ЈП Државни патишта од ДУИ Ејуп Рустеми склучил договор за тендер со фирма од Челопеци од Кичево за косење на трева, кастрење на гранки и сечење на дрвја во патен појас и тоа во вредност од над 2 милиони евра, потенцирајќи дека ова е еклатантен пример за криминал и корупција.
Сакам вечерва да споделам една работа со вас, а која што е поврзана со работењето и на владата, но секако и на политичката партија ДУИ. Имено, јавното претпријатие за Државни патишта каде што директор е Ејуп Рустеми од ДУИ склучило со извесна фирма која што да бидам искрен прв пат ја слушам од село Челопеци Кичево, договор кој што основна цел е цитирам: косење на трева, плевел, грмушки, кастрење на гранки и сечење на дрва во патен појас, чистење и собирање на смет во време траење од 2 години, за потребите на ЈП Државни патишта согласно техничка спецификација и договорот е ни помалку, ни повеќе, туку во износ од над 2 милиони евра. Односно 120 милиони денари без ДДВ, и ДДВ во висина од 21 милион и 600 илјади денари. Значи вкупно некаде околу 140 милиони денари или некаде тоа би дошло околу 240 илјади евра договор за косење на трева, плевел, кастрење на гранки, и сечење на дрва во патен појас, во услови кога исто така министер од политичката партија на ДУИ за образование кажува дека не можат да испечат учебници за сите ученици затоа што нема пари, изјави Николоски.
Потпретседателот Николоски нагласи дека треба да се одговори како воопшто се стигнало до овој договор и дали во моментот најприоритетно за Македонија е сечење на гранки и грмушки, како и дали најскапите косачи на трева во Европа живеат токму во Македонија па за две години ќе земат дури 2 милиони и 400 илјади евра.
Треба да се даде одговор, прво како се стигнато до овој договор, и второ дали најприоритетно во моментот е сечење на гранки и грмушки и трева на патиштата? И трето најбитно за мене е, како се стигнало до сума од 2 милиони и 400 илјади евра за косење на трева. Дали најскапите косачи на треба во моментот во Европа живеат токму во Македонија, па за 2 години ќе земат 2 милиони и 400 илјади евра, односно по милион и 200 илјади евра годишно за косење на трева, грмушки. Ова е еклатантен пример за криминал и корупција кој што се случуваат во Македонија. и јас знам дека многу ги боли кога ние удираме по криминалот и корупцијата, дециден е Николоски.
Очекувам одговорат на овие клучни прашања и во однос на постапката и во однос на тоа дали ова е најприоритетно трошење на пари во моментот и во однос на тоа дали најскапите косачи на трева и на гранки на појаси, живеат токму во Македонија, истакна тој.