Вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, во гостување во емисијата „Утринско еспресо“ на Радио Лидер, се осврна на историските прашања меѓу Македонија и Бугарија, особено на интерпретациите поврзани со цар Самоил, но и на политичките и економските односи меѓу двете земји.
Говорејќи за прашањето за цар Самоил, Николоски оцени дека интерпретациите на историјата на Балканот често се користат за политички цели. Според него, Македонија има јасен политичко-правен и историски континуитет и тие факти не можат да бидат избришани.
„Интерпретацијата на историјата се користи во политички цели на Балканот и факт е дека во Бугарија има претседателски избори. По заминувањето на Румен Радев од претседател на премиер сега им е потешко да се натпреваруваат на изборите и факт е дека им требаше ветер во едра“, рече Николоски.
Тој додаде дека времето ќе покаже дали тој политички момент бил искористен поради грчки или други политички причини.
„Убеден сум дека гласачите не гласале за нешто што се случувало пред 1.000 години, туку гласаа за она што се случува денес и во иднина. Како ќе завршат изборите е нивна работа“, посочи Николоски.
Во однос на македонското национално прашање, вицепремиерот рече дека тоа отсекогаш било оспорувано на Балканот, но според него постои континуитет кој не може да се негира.
„Во однос на нашето национално прашање, тоа е отсекогаш на Балканот оспорувано, но Македонија има јасен политичко-правен и историски континуитет и работите едноставно не можат да бидат избришани. Знаеме и Прилеп, Охрид, Преспа, каде е така што во однос на Самоиловата држава јасни се работите, кристално јасни, и тука никој не може да ги измени тие работи“, изјави Николоски.
Осврнувајќи се на бугарските барања, тој рече дека тие биле поставени по потпишувањето на Преспанскиот договор, иако, како што оцени, можно е да постоеле и претходно.
„Бугарија своите барања ги постави по Преспанскиот договор, иако јас мислам ги имаа цело време. Еве и таа тема да ја прифатиме затоа што во јавност изгледа така. Прашањето е зошто тие го направија така“, рече Николоски.
Според него, причината била проценката дека од другата страна има влада која била подготвена на отстапки.
„Затоа што видоа дека на другата страна имаат сервилна влада која што е спремна да продаде сè“, оцени вицепремиерот.
Николоски направи разлика меѓу политиките на актуелната влада и претходните влади во однос на економските прашања и бугарскиот капитал во Македонија.
„Владата на ВМРО и Мицкоски не се договараше да во пакет, и тоа не знам како, затоа што се работи за приватни компании на Бугарија и бугарски капитал, се продадат една национална телевизија, еден телеком оператор, една банка, еден рудник и еден кабелски оператор. Ние такви работи не договаравме“, рече Николоски.
Тој посочи дека, според него, ваквите договори биле правени за време на владите на Зоран Заев и Димитар Ковачевски, во период кога Венко Филипче бил министер за здравство.
„Такви работи договараше владата на Заев, Ковачевски, каде министер за здравство беше Венко Филипче. И тоа е суштинската работа меѓу нас и нив и мора да се потсетуваме како сме стигнале до овде“, изјави Николоски.
Вицепремиерот оцени дека политичките структури кои биле на власт во претходниот период, според него, биле повеќе заинтересирани за лични интереси отколку за државата.
„На другата страна имаше политичка структура само да ги наполнат џебовите и да избегаат од државата и затоа сега се во ситуација каква што се“, рече Николоски.
