Обележан Меѓународниот ден на Царината
Директорот на Царинската управа, Бобан Николовски, денеска го одбележа Меѓународниот ден на Царината со доделување признанија на вработените кои со својот труд и посветеност ја зголемиле ефикасноста на управата.
„Меѓународниот ден на Царината го одбележавме со доделување признанија на колегите кои со својата работа дадоа исклучителен придонес за поголема ефикасност на управата. За мене, резултатите јасно покажуваат дека будноста значи навремено препознавање на ризиците, а посветеноста, доследно, одговорно и законито постапување“, истакна Николовски.
Тој додаде дека придонесот на вработените се мери не само со статистички показатели или заплени, туку и со довербата што ја градат кај граѓаните и бизнисите.
„Вашиот придонес не се мери само со бројки или заплени, туку и со довербата што ја градите, професионалниот однос кон граѓаните и бизнисите, поддршката на системот и примерот што им го давате на помладите колеги. Токму тоа е силата на нашата Царина“, рече Николовски.
Церемонијата беше организирана со цел да се истакне значењето на професионалноста, доследноста и етичкото работење во работата на Царинската управа, како и мотивирање на вработените за понатамошен ангажман во обезбедување на ефикасна и доверлива институција.
