Македонија првпат добива Закон за потекло на имот. Ќе се испитува нелегално стекнат имот и капитал, објави денеска вицепремиерот за борба против корупција и криминал, за одржлив развој и човечки ресурси Љупчо Николовски.
– На наша иницијатива, а со експертска и техничка помош од Советот на Европа, првиот чекор е направен. Подготвена е физибилити студија за Законот за потекло на имот, која содржи компаративна анализа на меѓународни искуства за проверка на потеклото на имот и капитал, анализа на домашната правна рамка и досегашни искуства, детектирани слабости во институционалниот систем и идни насоки за креирање на новото законско решение. Веќе е формирана работна група која започнува со работа за подготовка на Законот за потекло на имот, објави на својот Фејсбук профил Николовски.
Со оваа одлука, посочува Николовски, спроведуваме системски реформи, првпат се воведува контрола на капиталот, со што се отвара патот за конфискација на нелегално стекнатиот имот и се спречува незаконско богатење врз грбот на граѓаните.